Хрватски Infobip се подготвува за инвестиција од пола милијарда долари

101

Хрватскиот старт – ап и еднорог, Infobip, се подготвува за нов инвестициски циклус вреден пола милијарда долари. Според хрватските медиуми, станува збор за најголема старт – ап инвестиција во земјата, но и една од најголемите инвестиции во некоја хрватска компанија.

“Компанијата започна разговори со инвеститори, за коишто се смета дека ќе бидат од 60 до 70% повеќе од претходниот циклус од 365 милиони долари“, вели Силвио Кутиќ, коосновач и извршен директор на Infobip за Bloomberg, а пренесува Јутарњи лист.

Компанијата на средната на минатата година примила инвестиција од 200 милиони долари од американскиот фонд One Equity Partners.

Infobip планира да котира на берза во рок од 18 до 20 месеци, што значи дека хрватската компанија ќе се најде на берзата во Њујорк на крајот на 2022-ра или на почетокот на 2023-та година.

Новата инвестиција Infobip ќе ја искористи за аквизиции на други компании.

Хрватската ИТ компанија во 2006-та година почна како мал старт – ап од Истра. Причина за планетарниот успех на Infobip е комуникациската платформа и услуги за деловни корисници што може да допрат до скоро седум милијарди корисници во повеќе од 190 земји во светот, овозможувајќи мобилна комуникација без никакви пречки на деловните субјекти со нивните крајни потрошувачи.

Фото: Pexels