Хрватскиот Јадран најпопуларен на онлајн платформите

8

Хрватскиот Јадран беше најпопуларниот регион во Европската унија во однос на бројот на резервации за сместување преку онлајн платформите во текот на летото 2023 година, покажуваат податоците објавени од Европската статистичка служба.

Во ЕУ минатата година, сместувањето за 678,6 милиони ноќевања е резервирано преку платформите Airbnb, Booking, Expedia Group или TripAdvisor, што е за 13,8 отсто повеќе отколку во 2022 година (596,5 милиони ноќевања).

Во третиот квартал, во Хрватска биле резервирани 23,7 милиони ноќевања, 14 милиони во шпанска Андалузија и 12,2 милиони на француската ривиера.

Меѓу 20-те најпопуларни дестинации во истиот период се шест региони во Франција, по пет во Шпанија и Италија, два во Грција и по една во Хрватска и Португалија.

Податоците на Еуростат покажуваат дека краткорочното изнајмување сместување преку онлајн платформи во 2023 година било поголемо за 11 од 12 месеци во споредба со претходната година, а во последните три месеци е забележан раст од над 20 отсто.

Во октомври имало 55,3 милиони ноќевања во сместување резервирани преку онлајн платформи, што е за 21,9 отсто повеќе отколку во истиот месец од 2022 година.

Во ноември се остварени 31,8 милиони ноќевања, 20 отсто повеќе во однос на ноември 2022 година, а во декември 45,3 милиони, односно 25,8 отсто повеќе од декември 2022 година.