Хрватската компанија Осимпекс ќе ја преземе словенечката фабрика за обувки Пеко. Компанијата од Осиек ќе го докапитализира Пеко со четири милиони евра, а во развој ќе вложи дополнителни два милиони евра и од сегашните 380 работници, во следните пет години ќе задржи барем 280.
Како што пишува словенечки Дневник, целата работа мора да ја потврди уште словенечката влада, која поседува 66% од сопственоста на Пеко, додека остатокот од акциите се во сопственост на банки и фондови.
Пеко се најде во проблеми пред неколку години поради падот на продажбата на домашниот пазар. Словенија го докапитализираше со шест милиони евра пред година ипол, со обврска понатаму да се продаде на приватен инвеститор, за да може средствата што ги дала државата за докапитализација да не се третираат како неоправдната државна помош според европските директиви.
Осимпекс е компанија во сопственост на бизнисменот Жељко Билош. Како што јавуваат хрватските медиуми, Билош минатата недела бил приведен во полиција на распит поради сомневање за давање мито, но бил пуштен истиот ден.
Билош до сега не се занимавал со производство на обувки. Основна дејност му е производство и трговија на големо на полупроизводи од железо и челик, поради што е познат како крал на железото.