Хрватскиот старт – ап Bulb Technologies доби два милиона евра од регионалниот фонд South Central Ventures (Enterprise Innovation Fund – ENIF), што е петта и најголемата инвестиција на фондот досега.
Bulb Technologies е софтверска компанија основана од искусни инженери во телекомуникациската индустрија. Фокусот на компанијата е менаџмент на телекомуникациски услуги и решенија за управување со корисничко искуство (Customer experience management solutions).
“Bulb Technologies им помага на телекомуникациските оператори да го испорачаат најважниот стратешки приоритет – супериорно корисничко искуство. Во последните десет години реализиравме голем број проекти за водечки телекомуникациски компании и станавме препознатлив избор за управување со телекомуникациските услуги во Југоисточна Европа. Партнерството со South Central Ventures ќе ни помогне да ја забрзаме експанзијата на глобалниот телекомуникациски пазар и понатамошно подобрување на нашиот производ CEMPRESSO“, изјави Ведран Резар, соосновач на Bulb Technologies.
Досега South Central Ventures инвестираше во неколку регионални стартапи. Првата инвестиција беше во висина од 300.000 евра за новосадската софтверска платформа за алатки за програмери Drytools, потоа беа доделени 700.000 евра на City Expert, српски старт – ап за успешно воведување иновации на пазарот на недвижности. Инвестиција од еден милион евра доби и хрватскиот старт – ап за напредни агротехнолошки софтверски решенија Agrivi. По нив, следеше инвестиција од 100.000 евра во македонскиот старт – ап Letz, компјутерска програма којашто им помага на корисниците во извршување на дневните задачи за зголемување на продуктивноста.
South Central Ventures, менаџер на ENIF фондот, располага со 40 милиони евра за инвестирање на иновативни компании од: Македонија, Косово, Албанија, Србија, Црна Гора, Хрватска и Босна и Херцеговина.
South Central Ventures има канцеларија и во Скопје.