Хуманитарна акција на Тиквеш по повод 130-годишниот јубилен

36

FOTO_Tikves

Прославата на 130-годишниот јубилеј на Тиквеш, која се совпадна со годинешниот Фестивал на младо вино, повторно доби и општествено одговорна димензија.

На настанот, Тиквеш ги мотивираше гостите да донираат со тоа што за секоја донација даде подарок младо вино. Собрани беа 130.000 денари кои Тиквеш ќе ги удвои со свои средства. Целата сума од 260.000 денари ќе биде наменета за набавка на опрема и реновирање на простории во дневните центри кои функционираат во рамки на Републичкиот центар за поддршка на лицата со интелектуална попреченост – Порака.

Со ова, Тиквеш уште еднаш ја потврдува својата долгорочна определба да поттикнува и реализира проекти кои се во интерес на пошироката заедница.

“Среќни сме што успеавме да ги мотивираме нашите пријатели кои го посетија годинешниот Фестивал на младо вино во Тиквеш, заеднички да се вклучиме во оваа акција и преку оваа донација да собереме средства за реновирање на простории во дневните центри кои ги користат наши сограѓани ширум земјата. Горди сме што имаме можност да им обезбедиме поддршка на оние на кои таа им е најнеопходна. Тоа е дел од нашето наследство и традиција која се негува цели 130 години“, истакна генералниот директор на Тиквеш, Игор Илиевски.

Искажувајќи задоволство од резултатите од оваа активност на Тиквеш, Д-р Василка Димоска, програмски менаџер во Порака, нагласи дека Тиквеш и љубителите на врвното вино покажаа висока свест за потребите на лицата со интелектуална попреченост.

“Со оваа донација значително ќе се унапредат условите за дневен престој на нашите корисници, со што директно се придонесува за нивна поефикасна едукација и социјализација“, изјави Димоска.

Републичкиот центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост – Порака е граѓанска организација која уште од 1963 година ги застапува правата и интересите на повеќе од 20.000 лица со интелектуална попреченост во Република Македонија.

Винарската визба Тиквеш е општествено одговорна компанија која, преку бројни проекти и донации, перманентно вложува во заедницата на која и припаѓа. Компанијата во континуитет обезбедува поддршка на значајни културно – уметнички манифестации, настани од едукативен карактер, како и хуманитарни активности.