Хуманитарна работилница за тешко болни деца 

23

Под мотото Подаруваме, остваруваме – од мајка за дете, од дете за дете, денеска од 17 до 19 часот, во игротеката Посејдон во трговскиот центар Капитол мол ќе се одржи хуманитарна креативно – едукативна работилница. Работилницата ја организира невладината фондација за деца со тешки болести Златна рипка, со поддршка на издавачката куќа Просветно дело и игротеката Посејдон.

Парите од влезниците во игротеката ќе се донираат за исполнување на желбите на тешко болните деца. Целта е да се мотивираат што повеќе граѓани и компании да донираат за оваа најранлива категорија деца.

“Преку донирани финансиски средства од компании, граѓани и институции им ги остваруваме најголемите желби на децата на возраст од 3 до 16 години кои боледуваат од тешки болести. Сметаме дека остварувањето на нивните најголеми желби е многу важен сегмент од нивното лекување, бидејќи нуди надеж и верба за подобро утре. Желбите немаат граници и ќе ги поттикнат дечињата да размислуваат дека ништо на светот не е невозможно”, велат од фондацијата.

Сите кои сакаат да донираат за болните деца може да се информираат на веб-страницата на фондацијата: www.zlatnaripka.mk.