Хуманитарна трка за деца со Даунов Синдром

45

1

По повод светскиот ден на лицата со Даунов Синдром, во организација на Мечувалечки клуб Ескрим се организира третата по ред Хуманитарна трка за деца со Даунов синдром во сабота (18.03.2017), во 11 часот во Градски парк, пред Школка.

Трката е отворена за сите хумани граѓани, но ќе учествуваат и децата со Даунов синдром и нивните семејства. Со овој настан се цели кон подигање на свеста за овие прекрасни личности, да се поттикнат и останатите спортски клубови да ги отворат вратите за децата со Даунов синдром, да ги вклучат во спортот и да им се обезбеди еднаков пристап до него како и за редовните деца.

За овие деца спортувањето е од огромно значење, бидејќи со спортувањето ја развиваат моторика, координацијата, одржувањето на баланс и тонусот на мускулите. Сите овие работи се многу важни за нивен понатамошен самостоен живот. Со спортувањето добиваат уникатна социјализација, стекнуваат нови пријателства. Инклузијата како сегмент којшто се развива со помош на хуманитарната трка дава исклучителни резултати во нивниот живот.

Се покануваат сите да се приклучат на оваа трка. Заинтересираните можат да се пријават на http://www.smartrace.club/ или 30 минути пред почетокот на самата трка. Средствата собрани од овој настан ќе бидат наменети за едногодишно бесплатно спортување на децата.