Хуманитарна трка за основање на центар за Вилсонова болест

26

trka

Основање на регионален центар за поддршка на заболени од Вилсонова болест е целта на втората хуманитарна штафетна трка Подај рака 2016. Трката е организирана од Здружението на граѓани за лица со ретка болест Вилсон – Македонија, со финансиска поддршка од компанијата ОКТА. Средствата од котизацијата ќе бидат наменети за создавање на центарот кој ќе им користи и на заболените и нивните семејства, но исто така и на медицинскиот персонал за вмрежување и добивање повеќе информации за болеста. Воедно со одржување на трката ќе биде одбележан и меѓународниот ден за зголемување на свесноста за болеста.

Вилсонова болест е ретка и затоа нема доволно знаење, информации и развиена свесност за истата. Болеста доведува до нарушување на метаболизмот преку кое се таложи бакар на црниот дроб, мозокот и очите. Со оглед на тоа што бакарот може со години да се таложи во црниот дроб, болеста се открива доцна, од 6-20 години, а последиците од ненавремен третман со терапии се фатални за заболените.

Хуманитарната штафетна трка, 4х1.000 метри ќе се одржи на 15 октомври, сабота, во 11:00 часот, на кејот на реката Вардар, во близина на мостот кај Хотел Александар Палас. Секој тим се состои од 2, 3 или 4 учесници и може да е мешан – машки и женски. Вкупната должина што секој тим треба да ја измине е 4.000 метри. Трката има и симболичен натпреварувачки карактер во категориите семејство и пријатели или за корпоративни тимови.

Цената за регистрација за штафетната трка изнесува 600 денари по тим. Секој учесник има можност да купи и маичка со лого на настанот по цена од 200 денари. Заинтересираните за учество во акцијата може да се регистрираат на следниот линк: https://www.smartrace.club.

Во рамките на настанот ќе се организира и детска штафетна трка на 7 минути за деца до 12 години. Учеството во детската трка е бесплатно.