Хуманитарна трка за основање на центар за заболени од Вилсонова болест

24

podaj raka

Здружението на граѓани за лица со ретка болест Вилсон – Македонија, повикува на масовно учество на втората хуманитарна трка Подај рака 2016, што ќе се одржи на 15 октомври, сабота, во 11:00 часот, на кејот на реката Вардар, во близина на мостот кај Хотел Александар Палас. Целта на оваа хуманитарна, штафетна трка е собирање на средства за отворање на регионален центар за поддршка на заболени од Вилсонова болест.

Трката е организирана од Здружението на граѓани за лица со ретка болест Вилсон – Македонија, со финансиска поддршка од компанијата ОКТА. Средствата од котизацијата ќе бидат наменети за создавање на центарот.

„Во недостиг од искуство и поддршка во својата земја, создавањето на центар ќе им помогне и на пациентите и на медицинскиот персонал. За пациентите и нивните семејства од исклучителна важност е поврзувањето со други луѓе засегнати од оваа болест, како би ги добиле потребните информации и совети за справувањето со предизвиците кои ги носи болеста. На медицинскиот персонал, пак, поврзувањето со стручни лица од регионот би им овозможило пристап до поголеми бази на податоци, корисна литература, можност за стручни консултации и практични совети за дијагностицирање и третман на Вилсоновата болест“, изјави Тони Димиќ од Здружението на граѓани за лица со ретка болест Вилсон – Македонија.

Вилсонова болест е ретко генетско заболување и подразбира нарушување на метаболизмот на бакарот, кој како резултат на тоа не се исфрла од организмот и се таложи во црниот дроб, мозокот и други органи. Доколку не се третира, понатаму предизвикува сериозно невролошко нарушување.

Цената за регистрација за штафетната трка изнесува 600 денари по тим. Секој учесник има можност да купи и маичка со лого на настанот по цена од 200 денари. Заинтересираните за учество во акцијата може да се регистрираат на следниот линк: https://www.smartrace.club.

Секој тим се состои од 2, 3 или 4 учесници и може да е мешан – машки и женски. Вкупната должина што секој тим треба да ја измине е 4.000 метри. Трката има и симболичен натпреварувачки карактер во категориите семејство и пријатели или за корпоративни тимови.

Во рамките на настанот ќе се организира и детска штафетна трка на 7 минути за деца до 12 години. Учеството во детската трка е бесплатно.