Hyundai и Kia забележаа раст на продажбата во Европа за 3,3 отсто во првата половина од годината

27

Јужнокорејските автомобилски компании Хјундаи и Киа продале вкупно 575.432 возила во Европа во првата половина на 2023 година, додека во истиот период минатата година продале 557.025 единици, соопштија компаниите, повикувајќи се на податоци од Европската асоцијација на производители на автомобили (ACEA).

Сепак, нивниот пазарен удел падна на 8,7 отсто од европскиот пазар за патнички возила во првата половина од оваа година, од 9,9 отсто забележани во 2022 година.

Нивните најпродавани модели вклучуваат теренец Kia Sportage и SUV Hyundai Tucson. Продажбата на EV моделите, Kia EV6 и Hyundai Ioniq 5, падна за 8,6 отсто на годишно ниво, на 71.240 единици во првите шест месеци.

Во јуни, двата корејски производители на автомобили продадоа 106.605 автомобили во Европа, што е за 4,8 отсто повеќе од 101.702 возила во истиот месец минатата година. Но, и нивното учество падна на 8,4 отсто од 9,5 отсто.

Минатиот месец, новите регистрации на целосно електрични автомобили во Европската унија скокнаа за 66 отсто на 158.252 единици. Електричните возила со батерии (BEV) сочинуваа 15 отсто од европскиот пазар на патнички автомобили во јуни, што е повеќе од 10,7 отсто една година порано, покажаа податоците на ACEA.