Hyundai назначи експерт од NASA за шеф на својата дивизија за летечки автомобили

19

Јужнокорејскиот производител на автомобили, Hyundai за својата прва дивизија за летечки возила, Urban Air Mobility Division, за шеф назначи ветеран од NASA.

Станува збор за доктор Џаион Шин, кој 30 години посветено работел во одделот на NASA за истражување и развој на авијацијата. Тој е признат како лидер во оваа област и во 2014 година беше избран за претседател на Интернационалниот форум за истражување на авијацијата.

Со новата дивизија за летечки автомобили, Hyundai се приклучува кон Audi, Aston Martin, Boeing, Daimler, коишто веќе работат на тоа.

Според компанијата, Urban Air Mobility Division ќе го намали метежот во сообраќајот, ќе придонесе за поздрава животна околина и ќе го скрати времето на патување во урбаните средини.

“Експертизата на Шин ќе придонесе за креирање на иновативни и паметни решенија во сообраќајот какви што досега не се видени“, велат од Hyundai.

Иако нема детали како ќе изгледаат овие автомобили, најверојатно истите ќе полетуваат и слетуваат вертикално и ќе оперираат автономно.

Фото: Hyundai