И државјани на Пакистан ако купат стан ќе добијат црногорски пасош

128

Компанијата Adriatic Marinas од Тиват, која во тој град развива проект на луксузно наутичко одморалиште и марина за мега јахти Porto Montenegro, одлучи да го прошири списокот на земји и започна продажба на своите капацитети на пакистански граѓани на кои им нуди и црногорско државјанство.

“Porto Montenegro им се претстави на луѓето во Пакистан преку Црногорската програма за економско државјанство. Новото крило на тоа наутичко-туристичко одморалиште наречено Boka Place нуди одлична можност за инвестиции на граѓаните на Пакистан кои сакаат да земат друго државјанство што ќе им го олесни меѓународното патување или кои сакаат да инвестираат во својата подобра иднина. Црногорско државјанство за цело семејство може да се добие со инвестирање на најмалку 450.000 евра во програма одобрена од Владата на Црна Гора, заедно со донација од 100.000 евра на Владиниот фонд за период од шест месеци“, објавија пакистанските медиуми.

Црногорското државјанство на овој начин ќе им обезбеди на нивните граѓани бројни поволности, почнувајќи од бесплатен влез без визи со црногорски пасош до 124 земји, до фактот дека тие имаат патна исправа за земја која веќе е членка на НАТО и која најверојатно ќе стане членка на ЕУ до крајот на 2025 година.

Владата на Црна Гора неодамна го вклучи проектот Boka Place на Списокот на приоритетни проекти од областа на туризмот, којшто на инвеститорите им дава голем број административни и фискални придобивки за реализација на овие проекти, а една од нив е можност за оние кои ги вложуваат своите пари во овие проекти да добијат и црногорско државјанство.

Станува збор за доделување државјанство за спроведување на посебна програма за инвестирање од особено значење за економскиот интерес на Црна Гора, која е познат меѓу странските инвеститори во Црна Гора како CBI (Citizenship by Investment).

Фото: Pixabay