
Европската комисија вчера го претстави својот индустриски план „Зелен договор за ерата на неутралност“, во обид да ги ублажи последиците од американскиот закон за намалување на инфлацијата, кој предвидува 369 милијарди долари помош за американската економија до 2032 година.
Американските субвенции се резервирани за американските компании, особено за производство на електрични возила.
Европа стравува дека тоа ќе доведе до бран на преселување на европските компании, кои би сакале да ја искористат американската помош доколку ги преселат своите централи во САД.
„Долго време расправаме дека борбата против климатските промени е неопходна. Неопходни за нашата планета, неопходни за нашиот економски просперитет и неопходни за нашата стратешка независност“, рече претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен.
Со цел да се постигне ова, Комисијата повикува на дополнително олеснување на правилата за државна помош во корист на проектите за индустриска декарбонизација или обновливи извори на енергија.
На дневен ред се и поедноставување на регулаторното опкружување, воспоставување европски стандарди, поедноставување и забрзување на процедурите за издавање на употребни дозволи за „зелени“ проекти.
Додека „субвенциите во странство ги израмнуваат условите за игра“, се вели во соопштението на Комисијата, ЕУ сака да ги ревидира правилата за државна помош за да им овозможи на земјите да понудат повеќе насочена поддршка за зелените индустрии како дел од новиот индустриски план.
Со цел да се спречи државните субвенции од големите, богати земји-членки да создадат нелојална конкуренција меѓу земјите на ЕУ, Комисијата предлага начини за европско финансирање.
Фон дер Лајен на прес-конференцијата изјави дека субвенциите од Германија и Франција изнесуваат 80 отсто од сите субвенции во ЕУ.
Идејата на Комисијата е да ги пренасочи постоечките европски фондови, првенствено оние за закрепнување по Ковид-19. А, „на среден рок“, Комисијата ја потврдува идејата за нов „Европски фонд за суверенитет“, кој ќе биде претставен пред летото.
Фон дер Лајен изјави дека ова е можност „да се покаже патот со брзина, амбиција и смисла за да се обезбеди индустриско лидерство на ЕУ во брзорастечката net-zero технологија“.
Таа додаде дека за компаниите од ЕУ „ова значи претворање на вештините во квалитетни работни места и иновациите во масовно производство, благодарение на поедноставната и побрза рамка и подобриот пристап до финансии“.
Првиот столб од планот се однесува на поедноставна регулаторна рамка во ЕУ. Вториот столб од планот треба да ги забрза инвестициите и финансирањето на производството на чиста технологија во Европа.
Помеѓу 35 и 40 проценти од сите работни места би можеле да бидат засегнати од зелената транзиција, а потребно е развивање на вештини за добро платени, квалитетни работни места, кои според Комисијата ќе бидат во фокусот на третиот столб од планот.
Четвртиот столб ќе се однесува на глобалната соработка и овозможување на трговијата да функционира за зелена транзиција, заснована на принципите на фер пазарна конкуренција и отворена трговија, надградена врз соработката со партнерите од ЕУ и работата на Светската трговска организација.
„За таа цел, Комисијата ќе продолжи да ја развива мрежата на договори за слободна трговија на ЕУ и други форми на соработка со партнерите за поддршка на зелената транзиција“, велат од Комисијата.
Оваа тема ќе биде главна на следниот вонреден самит на ЕУ што ќе се одржи на 9 и 10 февруари.
Фото: Pixabay