
Од 1 јули, кога стапува на сила новиот Закон за трговија, продавниците во Хрватска, по правило, нема да работат во недела, со тоа што трговците ќе можат, по своја дискреција, да изберат 16 недели во текот на годината кога ќе им бидат отворени вратите.
Понудените 16 работни недели по избор на трговците треба да се распоредат на шест месеци до крајот на годината, што значи дека трговците ќе треба да изберат од 27 можни недели во кои сакаат да работат. Секоја наредна година, бројот од 16 недели ќе се распределува во текот на годината, пренесува ХРТ.
Повеќето продавници веќе го имаат направено распоредот, така што оние во туристичките области најмногу се одлучуваат за работните недели во летната сезона, а кај другите фокусот е на почетокот на учебната година и на претпразничните недели на крајот од годината.
Има исклучоци
Законот предвидува исклучоци, како што се бензински пумпи, продавници на аеродроми и пристаништа за траект, музеи, тезги на пазари, додека работното време за киосците во недела е ограничено од 7 до 13 часот.
Ограничувањето на работата во недела делумно го решава проблемот со недостигот на работници, но, како што јавува ХРТ, неделниот промет за работодавачите тешко ќе се надомести.











