Работата од дома во текот на пандемијата стана еден од најкористените термини во изминатата година.
Од друга страна, технологијата и нејзиниот напредок наметнаа нови можности што би можеле да најдат своја примена и во традиционалните индустрии, како што е на пример транспортот.
Еден од системите што би можел да даде таква можност е Teleoperation, на шведската компанија Voysys, што овозможува далечинско управување со камиони преку 5G мрежа. Во комбинација со виртуелната реалност, овие системи би можеле да најдат примена и кај далечинско управување со различни видови машини, пренесуваат светските медиуми.
Возачите би биле сместени во оперативен центар, илјадници километри оддалечени од камионот што превезува товар. На екранот пред себе ќе има приказ од камерите на автономното возило и со него би управувал исто како да се наоѓа зад воланот.
Предност од користење на оваа технологија би била тоа што возачите нема да бидат отсутни од дома, а исто така еден оператор ќе може да замени друг, доколку се измори и слично.
Технологијата, исто така, би овозможила дополнителна безбедност, кога станува збор за операции со висок ризик. На пример, би можеле да се користат за сложени задачи, како што е ракување со дигалка за утовар или истовар.
Фото: Pexels