И кредитите и депозитите растеа во февруари

49

Вкупните депозити , во февруари, се повисоки за 0,9% на месечна основа, во најголем дел како резултат на зголемувањето на депозитите на секторот домаќинства, при умерен раст и на депозитите на корпоративниот сектор. На годишна основа, вкупните депозити се зголемени за 7,1%, при речиси еднаков раст на депозитите кај двата сектора.

Во февруари, вкупните кредити, бележат месечен раст од 0,4%, додека на годишна основа се повисоки за 4,4%. Нагорната промена на месечно и годишно ниво е под влијание на зголеменото кредитирање кај двата сектора, со поголем придонес на секторот домаќинства.

Вкупните депозити на корпоративниот сектор, во февруари, се зголемени за 0,5% на месечно ниво. Притоа, растот во најголем дел е резултат на зголемувањето на краткорочните депозити во странска валута и депозитните пари, во услови на пад кај долгорочните депозити во денари. Анализирано на годишна основа, депозитите на корпоративниот сектор се повисоки за 13,7%, заради растот на депозитните пари и краткорочните и долгорочните депозити во странска валута, при остварен пад кај краткорочните и долгорочните депозити во денари.

Во февруари, кредитите на корпоративниот сектор бележат месечно зголемување од 0,3%, при речиси еднаков раст на кредитирањето во денари и странска валута (малку поизразен кај кредитите во денари). На годишна основа, кредитите на корпоративниот сектор се повисоки за 1,4%, во целост како резултат на растот на кредитите во странска валута.

Кај вкупните депозити на домаќинствата, во февруари, е забележан месечен раст од 1,3%, којшто во најголем дел се должи на зголемените депозитни пари, при помал раст и кај краткорочните депозити во странска валута. Во споредба со истиот период претходната година, овие депозити се зголемени за 5,2%, во целост под влијание на повисоките депозитни пари и краткорочни депозити во странска валута, во услови на пад кај останатите компоненти.

Во февруари, кредитите на домаќинствата се зголемени за 0,5% и 7,1%, на месечна и годишна основа, соодветно. Анализирано по валута, кредитите во денари имаат поизразен придонес кон нагорната промена на месечно и годишно ниво.

Фото: Pexels