И со кинеската вакцина може да се патува во ЕУ

Европската унија има намера да ги отвори границите за сите луѓе кои го завршиле процесот на вакцинација против коронавирус со одобрена вакцина, пренесува Њујорк Тајмс. ЕУ ќе прифати патници од трети земји кои примиле вакцини одобрени од Европската агенција за лекови или Светската здравствена организација. Тоа се вакцините AstraZeneca, Johnson & Johnson, Moderna, Pfizer-BioNTech и Sinopharm.

Списокот на безбедни земји врз основа на епидемиолошки критериуми ќе биде финализиран во петок, а новите мерки би можеле да стапат на сила веќе следната недела, велат европските официјални лица вклучени во процесот. 

На состанокот во Брисел, дипломатите, исто така, се согласија да го зголемат бројот на нови случаи коишто може да ги достигне една земја пред да биде прогласена за небезбедна. Оваа промена може да овозможи патување во ЕУ од повеќе земји.

Земјите-членки ќе имаат можност да ја доработат одлуката, во случај да сакаат да одржат поостри епидемиолошки мерки, што значи дека некои европски земји се уште можат да бараат негативен тест  или карантин при влез. ЕУ исто така ќе има можност да го оневозможи патувањето повторно ако се појави заканувачка нова варијанта на коронавирусот.

Фото: Pixabay