И Вимблдон откажан поради коронавирусот

35

Најстариот и најугледен тениски турнир во светот е откажан поради пандемијата од коронавирусот. Управниот одбор на All England Club и Комитетот за управување со шампионатот донесоа одлука за откажување на овој спортски настан со над стогодишна традиција. Наместо оваа година, 134-тото издание на Вимблдон ќе се одржи од 28-ми јуни до 11-ти јули следната година, стои во соопштението.

“Уште од почетокот на епидемијата на коронавирусот во јануари, ги следевме сите информации на Владата на Велика Британија и здравствените установи. Направивме анализа за ширење на болеста и затоа увидовме дека во април ќе има големи рестрикции за оние работи што мора да ги направиме за да го организираме турнирот, или за кога е планиран на 29-ти јуни или подоцна во текот на летото 2020“, стои во соопштението.

Досега овој тениски турнир бил откажан само поради војни.

“Оваа одлука не ја донесовме воопшто лесно и тоа го направивме бидејќи се грижиме за јавното здравје и здравјето на сите оние кои помагаат Вимблдон да биде тоа што е. Добро знаеме дека турнирот досега бил откажуван само поради војни, но ние веруваме дека поради големината на оваа глобална криза, правилна е одлуката да се откаже турнирот оваа година“, смета Иан Хјуит, претседател на Тенискиот сојуз на Велика Британија.

Вимблдон требаше да се одржи на 29-ти јуни оваа година.

Станува збор за важен тениски натпревар којшто ја собира елитата од белиот спорт на едно место, но за негово планирање и организирање се ангажираат 6.000 луѓе. Исто така, пола милион публика минатата година ги следела натпреварите за 13 дена. Фондацијата Вимблдон лани собрала 384.093 фунти, коишто се дадени во хуманитарни цели. Добро е да се знае и дека над 156.286 трансакции се реализирани во продавниците и киосците во близина.

Овој тениски турнир не е единствениот голем спортски настан што е одложен поради коронавирусот. На крајот на минатиот месец, Меѓународниот олимписки комитет донесе одлука за одложување на Олимписките игри што требаше да започнат на 24-ти јули во Токио.

Фото: Facebook