И во услови на пандемија до ДЗИС пријавени над 1.000 патенти

90

Светскиот ден на интелектуална сопственост – 26 април годинава во фокусот ги става малите и средни претпријатија. Директорот на Државниот завод за заштита на индустриската сопственост Горан Герасимовски во интервју за МИА вели дека заштитата на правата е многу важна и дека таа е еден вид основа за лансирање нов, иновативен производ или започнување бизнис, односно градење бренд.

“Многу е важно да се напомене дека само доколку производот на компанијата е заштитен може да се добие битката против имитирањата и злоупотреба. Во спротивно, ризикот е навистина голем. Дополнително, со заштита на правата од индустриска сопственост се зајакнува позицијата на извозните пазари односно се олеснува пласманот на нови пазари преку лиценцирање, франшиза, заеднички вложувања, договори со други компании“, вели Герасимовски.

Потенцира дека и во време на пандемија и покрај вонредните услови на функционирање, Државниот завод за индустриска сопственост забележува добра реализација. Има, вели, сосема благ пад на пријавени патенти, што е сосема очекувано, но успеавме да го задржиме бројот над 1000, којшто првпат го постигнавме во 2017 година.

Посочува дека според нивните анализи, поголем број патенти доаѓаат од физички лица, што значи дека им е потребна логистична, експертска и финансиска помош за реализација.

“Секако, тоа не е дел од услугите на ДЗИС, но она што можеме да направиме е да ги насочиме и заеднички како земја да им дадеме ветер во грб на овие креативни умови“, рече Герасимовски и додаде дека работат на подигнување на јавната свест, особено на младите, универзитетите, но и кон приватниот сектор – како целни групи од кои имаат највисоки очекувања во полето на иновациите.

Фото: Freepik