И “земјотрес“ цени ја тресат Хрватска – за квадрат и до 7.000 евра

70

Пандемиja, земјотреси, рекорден пад на БДП – сето тоа силно влијаеше на пазарот на недвижнини  во Хрватска. Продажбата е намалена, нема странски купувачи, а домашните купувачи се повнимателни. Наместо станови во постари згради, се бара квалитетна нова градба, што недостасува на пазарот. Цените на недвижностите и покрај сè, продолжуваат да растат особено во Загреб и крајбрежјето.

Во центарот на Загреб продажбата на станови е скоро запрена, но затоа сите нови згради брзо се продаваат. Цената на метар квадратен се движи од 2.000 до повеќе од 5.000 евра.

Влијание на пазарот има  ниската каматна стапка на заштедите, што е скоро нула. Каматните стапки на кредитите се на историски ниско ниво, некаде помеѓу 2 и 3%, а некои граѓани сметаат дека е подобро да се има недвижен имот отколку хартиени пари“, вели Борислав Вујовиќ, потпретседател на Здружението на недвижнини на Хрватската трговска комора, пренесува ХРТ.

Цените на становите во Сплит вртоглаво растат. Причината – скапо земјиште, но и високи стандарди за енергетска ефикасност и опремување згради.

“Ние се обидуваме да работиме квалитетно и на добри локации, а тоа има своја цена. Барањата на клиентите се сè  поголеми и тоа чини пари”, вели Денис Пуљуќ, градежник од Сплит. Додава дека за скапите станбени квадрати на Јадранот, дури и во корона криза, агенциите и инвеститорите имаат списоци на чекање.

“Имаме дури 6.000 до 7.000 евра за метар квадратен. Одамна е надмината границата на разумни цени, но додека има купувачи, цените не паѓаат. Ако имавме стагнација во продажбата, тогаш тие цени ќе паѓаа”, рече Мери Вулиќ, агент за недвижнини од Сплит.

Фото: Pixabay