Играта заврши: Агрокор го купи Меркатор

31

agrokor-mercator1

Хрватски Агрокор денеска и официјално стана мнозински сопственик на словенечки Меркатор. Откако вчера беше најавено дека се исполнети сите услови за заклучување на трансакцијата за купување мнозински пакет од 53,12% акции во словенечкиот трговски ланец, денеска Агрокор успешно го заврши купопродажниот процес.

“Со купувањето на мнозинскиот дел на Меркатор од страна на Агрокор, создаден е најголемиот деловен систем во транзициските земји. Ова е заедничка победа на сите деловни луѓе, израз на одлучност на темелите на визија постојано да го подигаме нивото на успешност и конкурентност. Со ова почнуваме да создаваме нова вредност за сите потрошувачи, поголема сигурност за сите вработени, да иницираме понатамошен развој на индустријата во регионот и да отвораме нови пазари за произведувачите”, изјави претседателот на концернот Агрокор, Ивица Тодориќ, преку соопштение објавено на интернет страната на компанијата.

Тодориќ неколку пати се обиде да го преземе Меркатор. Последната понуда на Агрокор беше прифатена во јуни минатата година, но наместо договорените 120 евра за акција, сега ќе плати околу 86 евра. Тодориќ за Меркатор во 2011 година нудеше дури 221 евро за акција, но понудата му беше одбиена.

За овие 53,12% акции, најбогатиот Хрват според Форбс ќе плати 544 милиони евра. Од оваа сума, за акционерите одат 324 милиони евра, а 200 милиони директно за Меркатор, со што ќе се намали дел од долгот кон банките, а 20 милиони за оперативно финансирање на тековното работење на Меркатор.

Поради високата концентрација на пазарот, хрватската Агенција за заштита на пазарна конкуренција (АЗТН) условно одобри концентрација на Агрокор и Меркатор, а одобрувањето вклучува обврска за гасење на 96 продавници од комбинираната мрежа на Конзум (во сопственост на Агрокор) и Меркатор. Во декември минатата година, словенечката агенција за заштита на пазарната конкуренција (АВК) позитивно ја реши пријавата на Агрокор за концентрација во врска со спојувањето со Меркатор. Словенечкиот регулатор од Агрокор не побара никакви дополнителни мерки, затоа што оцени дека концентрацијата на словенечкиот пазар нема да доведе до битно намалување на ефикасноста на конкуренцијата. Во Србија пак, Советот на Комисијата за заштита на конкуренција донесе решение според кое на Агрокор условно му одобри купување на Меркатор, односно Комисијата заклучила дека концентрацијата не може да се одобри без примена на соодветни структурни мерки кои подразбираат дека Агрокор треба да го отстапи / продаде своето малопродажно работење на некој од конкурентите во оваа дејност. Овој услов се однесува на 21 продажен објект (алтернативно 22), во 15 градови/општини во Србија, со нето продажна квадратура од околу 20.000 метри квадратни. Советот за пазарна конкуренција на Босна и Херцеговина допушти концентрација на Агрокор и Меркатор на подрачјето на БиХ.

Со оваа аквизиција се создава малопродажен гигант од 64.000 вработени, со мрежа од 3.500 продажни објекти во девет држави и седум милијарди евра приход годишно.