Имаме вредни и мотивирани млади претприемачи, потребен ни е организиран екосистем

415

Нема сомнение дека имаме вредни и мотивирани млади претприемачи, како и во многу други земји. Она што недостасува, а го има во земјите коишто се најуспешни на овој план, е т.н. организиран екосистем кој ќе се формира и структурира во вистинска смисла на зборот, вели во интервју за Бизнис Инфо, првиот човек на Македонска берза, Иван Штериев.

Бизнис Инфо: Патот до финансирањето на компанија којашто стартува од нула или е во релативно ран развој, започнува од учество на старт – ап настани, аплицирање на кампањи за финансирање, пронаоѓање на најсоодветен извор за финансирање на идејата… долг процес кој бара многу време, трпение, упорност и енергија. Како оваа конференција ќе им помогне старт – ап бизнисите да дојдат до нов капитал од домашни и странски инвеститори?

Главен организатор на конференцијата е PwC, Берзата е вклучена во агендата во делот на настанот поврзан со можностите за crowdfunding. Двете институции сметаат дека подигнувањето на свеста за достапноста на алтернативните и пазарните можности за финансирање кај младите претприемачи е од суштествено значење. Настанот е дизајниран да даде прецизни насоки преку кои ќе им се помогне на овој вид економски субјекти пореално и порационално да ја разберат применливоста на различните извори на финансирање во функција на нивните развојни потреби и планови. Оттука, целта на оваа конференција е на едно место да се соберат и да се споделат искуствата на стартапите кои досега успешно ги финансирале своите развојни потреби од една страна и инвеститорите кои инвестирале во ваков тип бизниси од друга страна. Секако и повторно да се презентираат алтернативните извори и различните инструменти за финансирање кои им стојат на располагање на т.н. млади компании. Мотото на конференцијата е #StraightToThePoint и токму поради тоа, а конкретно поврзано со проектот на Берзата поврзан со crowdfunding платформата Funderbeam, обезбедивме гостување на една од најактивните водечки инвеститори на оваа платформата во Хрватска. Сакаме на тој начин, од прва рака, да го пренесеме позитивно искуство во однос на equity crowdfunding-от на нашите инвеститори. Како што веќе сме изјавувале  ние веруваме дека crowdfunding-от може да отвори нова страница во финансиските навики и концепти во Македонија, при што паралелно се создава и инкубатор од кој на среден рок можат да се појават нови котирани компании на Берзата, што ни е најголем развоен предизвик.

Бизнис Инфо: Иако имаме вредна и мотивирана “армија” од млади иновативни претприемачи, последните податоци на Глобалниот инвестициски индекс ја сместија Р. С. Македонија на 59-то место во светот, што значи дека сме иновативни над очекувањата, но резултатите не се на исто ниво со вложените средства и со можностите. Што не правиме како што треба?

Нема сомнение дека имаме вредни и мотивирани млади претприемачи, како и во многу други земји. Она што недостасува, а го има во земјите коишто се најуспешни на овој план, е т.н. организиран екосистем кој ќе се формира и структурира во вистинска смисла на зборот. Тоа значи дека не е доволно да имате само иновативни млади претприемачи, туку потребно е да има соодветно обликувана инфраструктура со можности и за стартапите и за инвеститорите. Ова подразбира точно и лесно да се знае колку стартапи се функционални, дејноста во која работат, фазата на развој, кои институции се тука за да обезбедат поддршка во соодветната фаза на развој на стартапот, системско подигнување на свеста за постоењето на различни инструменти за финансирање итн. Состојбите на овој план последните години се подобруваат, но има уште доста простор за напредок. При сето ова треба да постојат објективни и рационални очекувања и на претприемачите и на нивните финансиери. Тука, според нашите досегашни сознанија, не стоиме најдобро. Искуствата од регионот и пошироко покажуваат дека без вака дефинирана и проактивна заедница успешните примери се само изолирани случаи.

Бизнис Инфо: Што мислите колку домашната регулатива е наклонета на старт – ап бизнисите? Дали легислативата ги стимулира или дестимулира иновациите?

Тука би се осврнале конкретно на нашиот crowdfunding проект. При создавањето на услови за имплементација на Funderbeam платформата во нашата држава добивме голема поддршка од Комисијата за хартии од вредност и Народната банка кои веднаш ги препознаа позитивните потенцијални ефекти и максимално не подржаа. Воедно, се изготви детална анализа на законската рамка за непречено оперативно функционирање на Funderbeam платформата во Македонија и се подготвија правно и даночно упатство со сите релевантни правни и даночни аспекти како за стартапите кои би одлучиле да соберат средства преку Funderbeam, така и за домашните инвеститори кои би биле заинтересирани да инвестираат на платформата. Упатствата се бесплатни и јавно достапни, односно објавени се на интернет страницата на Берзата.

Генерално, за поздравување е тековната иницијатива на Startup Macedonia за одредени измени во Законот за трговски друштва во насока на поттикнување и стимулирање на делувањето на деловните ангели. Мора да ги модернизираме решенијата поврзани со конвертибилните заеми, како и оние поврзани со претприемачите кои имаат неуспешни деловни потфати, вклучително и стечај и ликвидација, да не бидат системски дискриминирани во иднина.

Бизнис Инфо: Какви се карактеристиките на македонската економија? Има ли таа капацитет за иновации и ако има дали го користи? Или сè се сведува на финансирање и субвенционирање на добрите идеи со државни пари?

Самите споменавте дека имаме вредна и мотивирана “армија” од млади претприемачи кои начелно знаат да дојдат до оригинални и иновативни деловни идеи. По примерот на многу други земји, а поради значењето на секторот на мали претпријатија во развојот на националната економија, полека започна да се гради инфраструктура и амбиент што создава поттикнувачка клима за развој на претприемачкиот и иновациски дух. Дел од оваа инфраструктура е финансирањето и субвенционирање на добрите и надежни деловни идеи со државни пари и тоа би требало да се фокусира на почетните фази на финансирање на овие компании. Тука се и донаторските фондови од странски развојни агенции. Се формираа и неколку акцелератори. Младите компании често директно преговараат со бизнис ангели и private equity фондови. Се организираат голем број настани за вмрежување на луѓето од старт – ап екосистемот и сè повеќе консултантски компании ги прошируваат своите услуги кон овие компании. Проектот на Берзата за т.н. equity crowdfunding, што во својата суштина е Funderbeam, е повисока фаза на финансирање наменет за компании кои веќе имаат track record и кој сакаат да се финансираат на пазарот со дистрибуција на дел од сопственичката структура. Преку equity crowdfunding-от може да се направи синергија од којашто можат да извлечат бенефит различните чинители на екосистемот – на пример, некој деловен ангел или акцелератор да биде водечки инвеститор во кампањата на некој старт – ап и истовремено да го намали својот ризик и да привлече други понесофистицирани инвеститори. Нашата заложба како Берза е што повеќе да се знае дека постои и оваа можност и дека сме создале услови за нејзино оперативно функционирање и кај нас.

Бизнис Инфо: Досегашното искуство покажа дека има сè поголем број на стартапи, но тешко можат да се најдат инвеститори кои се подготвени да вложат во идеја која е во фаза на прототип. Кои се проблемите и предизвиците со кои се соочуваат иновативните компании од една страна, а од што стравуваат инвеститорите од друга страна?

Од аспект на компанија, покрај премостување на финансискиот јаз, генерално компаниите имаат потреба и од правилно насочување, односно вложување на таканаречени smart money од страна на инвеститорите со цел обезбедување на одржливост и раст на нивниот бизнис. Од друга страна, пак инвестирањето во стартапи е само по себе ризична инвестиција и оттука бараната стапка на поврат на оваа инвестиција е повисока. Оттука, во принцип многу бизнис можности пропаѓаат бидејќи во долготрајните билатерални разговори помеѓу компаниите и инвеститорите се јавуваат потешкотии при прецизирање на финансиска конструкција и идната сопственичка структура. Ова особено се усложнува ако постојат нерационални очекувања од која било страна.

Бизнис Инфо: На конференцијата нудите можност за вмрежување, спојување на компаниите кои планираат да приберат финансиски средства и на инвеститори кои бараат можност за вложување во компании во ран развој. Што на овој план очекувате од конференцијата?

Како што веќе рековме идејата е на едно место да се најдат компании и инвеститори – и оние кои го поминале успешно патот на финансирање и инвестирање и оние кои тоа засега само го посакуваат. Оттука, се надеваме дека присутните компании ќе добијат конкретни и квалитетни насоки и одговори на нивните дилеми и прашања во однос на можностите кои им стојат на располагање за финансирање на нивниот бизнис, а инвеститорите ќе добијат можност да го зголемат своето инвестиционо портфолио. Ние, секако се надеваме дека овој настан ќе ја зголеми веројатноста да се појави и првата компанија која ќе се финансира преку Funderbeam во блиска иднина.