Имате идеја, но немате пари… не губете надеж

114

Фото: Pixabay

Дали ви се случило да ви се “запали сијаличката“ и да ви “светне“ одлична идеја. Возбудата и ентузијазмот што ќе ги почувствувате, ќе спласнат за еден момент, бидејќи ќе се сетите дека немате доволно сопствени средства за да ја реализирате вашата брилијантна идеја.

Кредит од банка можеби прво ќе ви падне на ум, но размислете уште еднаш бидејќи постојат и други алтернативи што се многу поприфатливи и за вас и за вашиот иден бизнис.

Не треба да се обесхрабрувате, туку малку повеќе да се информирате за можностите што постојат. Секако, треба вашата идеја да биде добро издржана и исплатлива, да решава одреден проблем, да биде практично применлива… и во следниот момент лесно ќе допрете до инвеститори.

Добро осмислена и претставена бизнис идеја може да добие инвестиција и од бизнис ангели. Станува збор за инвеститори кои долги години се на раководни позиции во големи компании, имаат искуство, професионален однос, моќ и знаење да поддржат одреден бизнис во зародиш. Бизнис ангелот, освен финансии, на стартапот му го нуди своето know – how што има непроценлива вредност . Во Македонија постои CEED Macedonia Business Angels Club, којшто од 2013 година нуди поддршка на бизнис идеи коишто имаат потенцијал за раст, постоечки бизнис или некоја иновација.

Иако пазарот на хартии од вредност претставува недостижна точка за финансирање на старт – ап, сепак Македонска берза се заложи да го олесни процесот на финансирање на стартапи, мали и средни компании. На тој начин, компании и претприемачи во земјава ќе добијат поедноставна можност за таканаречено небанкарско финансирање, а инвеститори ќе можат да вложуваат во домашни бизнис проекти што според нив имаат потенцијал за раст.

Во пракса, такво нешто се случува преку Funderbeam SEE, што претставува joint venture на Загрепската берза и естонската компанија Funderbeam. Станува збор за платформа за групно финансирање на стартапи во коишто инвеститорите може веднаш по иницијалната фаза на вложување, да тргуваат со своите удели, како да се работи за компании што котираат на берза.

Преку crowdfunding може да заживее една идеја на едноставен начин. Станува збор за собирање на пари или здружено финансирање. Постојат две форми на crowdfunding – во едната луѓето не инвестираат во идејата, туку ја финансираат (тоа значи дека ќе дадат онолку пари колку што е потребно проектот да успее, но нема да поседуваат дел од бизнисот), а втората опција инвеститорите добиваат сразмерен дел од “колачот“ на бизнисот во висина на нивното вложување во него.

Постојат повеќе crowdfunding платформи што на идеите што имаат потенцијал им даваат прилика да се претстават и да соберат финансии од заинтересирани инвеститори.