Имавме визија да станеме бренд во нашата област и успеавме во тоа

103
elena 1
Елена Николоска, ко-сопственик на Ад Вербум

Овие 10 години не се заситивме од нашата професија, напротив земавме сила како сега да почнуваме, па затоа имаме планови за проширување надвор од земјата. Ова ќе биде како нов почеток за нас, но ќе бидеме со една предност: искуството и знаењето ќе ги искористиме и ќе бидат наш адут”, вели Елена Николоска, ко-сопственик на Ад Вербум, компанија која месецов прослави 10 години постоење.

БИ: Зад вас се 10 години искуство во превод и толкување, организирање на настани, конференции, семинари и работилници. Што беше најголем предизивик со кој се соочивте во овој период?

Најголем превизвик беше да се достигнат одредени цели кои ги имавме како идеја и визија уште од самиот почеток на нашето основање. Една од тие цели беше и сè уште е да ги надминеме и комплетно да ги исполниме барањата и очекувањата на купувачите преку примена на најдобрата пракса во преведување, толкување и организација на конференции и разни настани. Предизвик беше благовремено и адекватно да се планираат сите активности, да се почитуваат законските прописи и барања. Предизвик беше да се изгради тој професионален однос и со добавувачите, со сите зазинтересирани страни и да се исполнат барањата на сите во договорените рокови. Ние почнавме како мала фирма со само две вработени, јас и мојата партнерка и генерален директор Енкеледа Стефановска. Идејата и визијата да станеме бренд во нашата област ја имавме уште од самиот почеток и во тоа и успеавме. Интензитетот на настаните и работите наложија за брзо време да се прошириме и да станеме пет вработени, па потоа 10, за денес да имаме вкупно 20-тина вработени. За овие 10 години обезбедивме здрава работна средина и обуки за поттикнување на свеста на вработените за квалитетно работење. Кадарот што го имаме главно се млади преведувачи, но професионални во нивната област. Сите се обучени и поседуваат разни сертификати за највисоките нивоа на професионалното, меѓу кои и Wordfast сертификати. Тоа значи дека за секој клиент креираме посебни преводни мемории со цел да се избегнат грешките и различните терминологии при самиот процес. Односно, веројатноста дека еден термин користен во банкарскиот сектор ќе биде преведен или толкуван сосема различно за клиент од истиот сектор е многу мала. Сепак, треба да имаме во предвид дека работиме со јазик, што е жива материја и свесни сме дека истиот претрпува промени од разни надворешни влијанија во текот на годините.

3

БИ: Кои услуги од своето портфолио им ги нудите на домашните и странски клиенти?

Писмен превод на секаков вид на комерцијална и техничка документација, финансиски и сметководствени документи, правни текстови, брошури и каталози, списанија, весници, веб-страници, тендерска документација, договори, биланси на успех и извештаи, презентации итн. Сето тоа на 31 јазик, по потреба на клиентот. Лектура на преведените или веќе доставените текстови. Консекутивно и симултано толкување, стручна редакција и сл. Организација на семинари и конференции, во смисла на техничка и логистичка поддршка, што значи дека не ја одредуваме ние темата на настанот, не ги бираме говорниците, но затоа помошната опрема како ЛЦД проектори, видео бимови, платна за проекции, банери и сл. можеме целата да ја снабдиме.

Доколку се работи за странски фирми, невладини организации или пак наши фирми кои ќе имаат странци гости или говорници, тогаш организираме и опрема за симултан превод и се разбира преведувачи, потоа приемници, слушалки, безжични микрофони, кабини за преведување, аудио и видео снимање и сл. Подготовката на материјалите за настанот исто така е наша обврска, а тука се подразбира печатење на книги, брошури за настанот, флаери, програми, покани за настанот и слично. Сето ова изгледа многу лесно, но е од голема помош за организаторот на настанот, бидејќи за него претставуваме еден голем супер – маркет каде може комплетно да ги најде сите „намирници“ за својот настан или евент. Нормално, соработуваме со домашни и странски ПР и маркетинг агенции, па истиот можеме и лесно да го испромовираме.

БИ: Кои новитети оставиле трага и се од големо значење за вас?

elena 2Лансирањето на брендот “Лесен начин да ставите крај на пушењето” од Ален Кар ни даде еден нов правец во креирањето на нашата бизнис стратегија. Тоа е едно многу лесно четиво што се распродаде прилично брзо. Се работи за книга која помага на пушачите да ги остават цигарите. Тргнувајќи од позитивното лично искуство со книгата, решивме да стапивме во контакт со одговорните од издавачката куќа на Ален Кар. Ги откупивме правата за издавање во Македонија, ја преведовме книгата и ја дистибуиравме. Како дел од нашата стратегија за општествена одговорност, дел од средствата беа донирани за Здружението за борба против ракот Борка, а беше поддржана од Министерството за здравство. Оваа година очекуваме второ издание на истата. После оваа книга ни се отворија видиците во издавачката дејност, така што веќе извесно време успешно пловиме и таму. Досега издавањето на повеќе од 300 наслови од различни области како белетристика, стручна литература, историска литература и друго нè прави посебно горди.

БИ: Го поседувате сертификатот ISO 9001:2008. Што значи тој сертификат за вашето работење и секако, за вашите клиенти?

4Нашата целосна политика за квалитет е основана согласно барањата на ИСО 9001:2008. Тоа значи целосно документиран процес на работа со постојано идентификување и отстранување на сите неусогласености од страна на сите вработени. Системот за квалитет е постојано надградуван и бара негово преиспитување на ефикасноста и ефективноста. Приемот на работните обврски оди по строго утврдена патека која не може да се заобиколи. Само на тој начин и со меѓусебна координација се постигнува посакуваниот резултат, сè до конечна дистибуција кај крајниот корисник.

БИ: Кои се идните планирани активности на Ад Вербум?

Овие 10 години не се заситивме од нашата професија, напротив земавме сила како сега да почнуваме, па затоа имаме планови за проширување надвор од земјата. Соработката со некои странски компании нè предизвика да размислуваме за отворање на канцеларии на Косово, Албанија и Грција. Ова ќе биде како нов почеток за нас, но ќе бидеме со една предност: искуството и знаењето ќе ги искористиме и ќе бидат наш адут.