INA почна да произведува гас од нов бунар во северниот дел на Јадранот

203

Хрватската компанија INA започна со производство на природен гас од нов бунар во гасното поле „Ika“ во северниот дел на Јадранот, соопштија денеска од компанијата.

„Бунарот „Ika B-1R-DIR“ беше успешно поврзан со постојниот производствен систем на INA во северниот дел на Јадранот, кој обезбеди влез на 150.000 нови кубни метри природен гас дневно во хрватскиот гасоводен систем. Годишното производство на новиот бунар ќе биде на ниво од речиси 55 милиони кубни метри, што во моментов претставува речиси 7 отсто од вкупното производство на гас на INA на море и на копно“, се вели во соопштението.

Се додава дека новиот бунар е резултат на активностите на INA кои започнаа во 2019 година во рамки на „Развојната програма на Северен Јадран“, чија цел е да се идентификуваат сите потенцијални локации за ново дупчење во северниот дел на Јадранот, со што би се стопирало очекуваниот природен пад на сите три полиња за експлоатација на INA со кои управува.