Индиец на пат да стане најбогат човек на светот

69

Индиецот Гаутам Адани е на добар пат да стане најбогатиот човек на светот.
Тоа би било првпат човек од Азија да биде најбогат во светот според списоците на американските медиуми, во кои долго време доминираат западните технолошки претприемачи.

Во моментов тој е трет најбогат човек во светот со богатство од 130 милијарди долари. Но, сите трендови се во негова корист.

Имено, најбогат човек на светот е Илон Маск со 170 милијарди долари, а втор е Французинот Бернар Арно со 157 милијарди.

Но, нивното богатство рапидно се намалува, додека на Адани расте.

Маск годинава загуби дури 101 милијарда долари, а Арно 21,5 милијарди. Од друга страна, Адани годинава го зголеми своето богатство за цели 53 милијарди долари.

Годината ја започна на 14. место кај богатите, а сега е трет. Ги претекна Џеф Безос и Бил Гејтс. Доколку овој тренд продолжи, тој наскоро би можел да стане најбогатиот човек на светот.

Богатството на Адани е главно поврзано со средствата на неговиот конгломерат Адани Груп, кој се занимава со различни индустрии.

Групата работи низа бизниси, вклучувајќи пристаништа и јаглен, кои напредуваа во последниве години.

Акциите во некои од фирмите на Адани скокнаа поради оптимизмот на инвеститорите за силата на конгломератот во областите како што се инфраструктурата и обновливите извори на енергија на кои премиерот Нарендра Моди им даде приоритет за развој.