Индустриското производство годинава помало за 4,2 отсто во однос на лани

62

Индустриското производство во периодот јануари – септември 2024 година, во однос на истиот период лани е помало за 4,2 отсто. Во септември годинава, пак, споредено со септември 2023 има намалување од 7,9 проценти, соопшти Државниот завод за статистика.

Гледано по сектори, индустриското производство во секторот Рударство и вадење на камен во септември 2024 година, во однос на септември 2023 година, бележи опаѓање од 7.5 %, во секторот Преработувачка индустрија бележи опаѓање од 6.6 %, а во секторот Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација опаѓање од 10.0 %.

Намалувањето во секторот Преработувачка индустрија е резултат, пред сѐ, на намаленото производство во следните оддели: Производство на пијалаци, Производство на текстил, Производство на облека, Производство на хемикалии и хемиски производи, Производство на основни фармацевтски производи и фармацевтски препарати, Производство на производи од гума и производи од пластични маси, Производство на други неметални минерални производи, Производство на метали, Производство на фабрикувани метални производи, освен машини и опрема, Производство на машини и уреди, неспоменати на друго место и Производство на мебел.

Според главните индустриски групи, производството во септември 2024 година, во однос на септември 2023 година, бележи опаѓање кај Енергија за 14.9 %, Интермедијарни производи, освен енергија за 12.2 %, Трајни производи за широка потрошувачка за 3.8 % и Нетрајни производи за широка потрошувачка за 5.9 %, додека пораст бележи кај Капитални производи за 2.4 %.