Инфлација од 1,2% во 2020 година

155

Просечната годишна стапка на инфлација во 2020 година изнесува 1,2% и е во согласност со проектираната стапка од октомврискиот циклус проекции (од 1,1%), покажуваат податоците на Народна банка.

Динамиката на потрошувачките цени во домашната економија во 2020 година во најголем дел произлегува од цените на храната, коишто се повисоки за 2,6%, како и од позитивниот придонес на базичната инфлација којашто изнесува 0,9%.

Од друга страна, цените на енергијата забележаа пад од 1,4%, под влијание на високиот пад на цената на нафта на светските берзи, и покрај тоа што овој ефект во еден дел беше неутрализиран од одлуката за зголемување на акцизите за дел од дериватите од април и одлуката за зголемување на домашната цена на електричната енергија од август.

Во рамките на прехранбените категории, умерено зголемување бележат цените на лебот и житата, месото, млечните производи и овошјето. Базичната инфлација главно се должи на промените од административна природа, поврзани со зголемувањето на акцизата на цените на тутунот.

Остварувањата во 2020 година упатуваат на благо забрзување на инфлацијата во споредба со остварувањата во 2019 година, кога инфлацијата изнесуваше 0,8%. Во услови на претежно надолни притисоци од увозните цени (поумерена странска ефективна инфлација) и пад на домашната побарувачка, благото забрзување на домашната инфлација во 2020 година делумно ги отсликува и случувањата поврзани со Ковид-19, односно поизразената потрошувачка на одредени производи и услуги, како и зголемувањата на цените од административна и регулаторна природа, а одреден ефект веројатно имаат и ограничувањата на страна на понудата предизвикана од глобалната здравствена и економска криза.

Фото: Freepik