Инфлацијата во Германија повторно расте, на 2,2 проценти во август

Годишната стапка на инфлација во Германија, според прелиминарните податоци, се зголеми во август од два проценти во јули на 2,2 проценти, објави во петокот Федералниот завод за статистика (Дестатис).

Цените на стоките го забрзаа растот од еден процент во јули на 1,3 проценти на годишно ниво, откако цените на храната пораснаа за 2,5 проценти, со побрзо темпо во споредба со 2,2 проценти во јули.

Покрај тоа, цените на енергијата се намалија за 2,4 проценти на годишно ниво, со побавно темпо отколку во јули, кога падот изнесуваше 3,4 проценти.

Стапката на инфлација во германскиот услужен сектор е 3,1 процент, иста како и минатиот месец, додека основната инфлација остана на 2,7 проценти.

На месечна основа, потрошувачките цени во Германија се зголемија за 0,1 процент во споредба со јули, според веб-страницата на Дестатис.

Германската инфлација мерена според хармонизираниот индекс на потрошувачки цени (HICP) е 2,1 процент на годишна основа и 0,1 процент на месечна основа.