Инфлацијата во САД во септември падна на 2,4 отсто

113

Вкупниот индекс на потрошувачки цени (CPI) во САД, кој ја мери инфлацијата, се намали на годишна основа во септември на 2,4 отсто од 2,5 отсто во август, објави во четвртокот американското биро за статистика на трудот. Ова се податоци пред сезонското прилагодување.

Индексот на трошоците на живот за сите урбани потрошувачи (CPI-U) порасна за 0,2 отсто на сезонски приспособена основа, исто како и во август и јули. Индексот на цените на становите во септември пораснал за 0,2 отсто, додека индексот на цените на храната е зголемен за 0,4 отсто. Овие два индекса заедно придонесоа со над 75 отсто во месечниот раст на сите ставки.

Индексот на цените на храната дома е зголемен за 0,4 отсто во септември, додека индексот на цените на храната надвор од домот во изминатиот месец е зголемен за 0,3 отсто. Индексот на цените на енергијата падна за 1,9 отсто во септември, по падот од 0,8 отсто во претходниот месец.

Индексот за сите артикли, без храна и енергија, во септември порасна за 0,3 отсто, како и во претходниот месец. Индексите што пораснаа во септември вклучуваат домување, осигурување на мотори, медицинска нега, облека и авионски билети. Индексите за рекреација и комуникации се меѓу оние кои забележаа пад во текот на септември.

Растот на вкупниот индекс на цените од 2,4 отсто во 12-те месеци заклучно со септември е најмалиот годишен раст од февруари 2021 година. Индексот на цените без храна и енергија порасна за 3,3 отсто на годишно ниво, индексот на цените на енергијата падна за 6,8 отсто во текот на 12-те месеци заклучно со септември, додека индексот на цените на храната порасна за 2,3 отсто во текот на минатата година.