Инфлацијата во Турција првпат по 18 месеци покажува знаци на забавување

Инфлацијата во Турција првпат по 18 месеци покажува знаци на забавување, но сепак е значително повисока од прогнозата на централната банка за крајот на оваа година.

Според официјалните податоци, потрошувачките цени се зголемија во ноември со годишна стапка од 84,4 отсто, приближно одговарајќи на прогнозата од 84,8 отсто од економистите анкетирани од Блумберг. Инфлацијата во октомври достигна 85,5 отсто, што е највисока стапка во последните 24 години, пишува Фајненшл тајмс.

Нагло зголемување на цените во Турција е забележано од минатата година, кога централната банка почна да ги намалува каматните стапки за да поттикне раст на бројот на кредити. Како што соопштија минатиот месец од оваа монетарна институција, откако референтната стапка се спушти за 10 процентни поени на девет отсто, заврши циклусот на намалување. Банката предвиде дека инфлацијата до крајот на годината ќе достигне 65 проценти.