Инфлациските притисоци може да траат подолго, вели првиот човек на ФЕД

57

Претседателот на Федералните резерви, Џером Пауел, во извештајот до банкарскиот комитет на Сенатот за одговорот на ФЕД на кризата поради пандемијата Ковид-19 рече дека инфлациските притисоци може да траат подолго отколку што првично се очекуваше.

На почетокот на годинава кога инфлацијата почна да се зголемува, Пауел и колегите во централната банка инсистираа дека тоа е минлив феномен и дека инфлацијата ќе забави бидејќи економијата продолжува да закрепнува и се приближува до целта на монетарната политика од 2 отсто годишно во 2022.

Тој сега објави дека целата работа може да потрае малку повеќе отколку што првично очекуваа. Пауел рече дека економскиот раст продолжува да се зајакнува, но се судри со зголемените цени поради тесните грла во синџирите на снабдување и други фактори.

“Инфлацијата е висока и ќе остане висока во наредните месеци пред да се смири. Како што економијата продолжува да се отвора и потрошувачката расте, гледаме зголемен притисок врз цените, особено поради тесните грла во одредени сектори. Овие ефекти се поголеми и траат подолго од очекуваното, но тие ќе се намалат, а кога ќе се намалат, инфлацијата ќе се намали кон нашата долгорочна цел од два проценти “, рече Пауел.

Тој во четврток ќе поднесе извештај до Комисијата за финансии на Претставничкиот дом. Тоа е правен извештај за мерките преземени од централната банка за помош на економијата поради пандемијата Ковид-19.