Инфлацијата во Германија најниска од јуни 2021 година

14

Инфлацијата во Германија во февруари изнесуваше 2,5 отсто на годишна основа, што е за 0,4 процентни поени помалку од јануари и најниска од јуни 2021 година, пишува германскиот завод за статистика во првата проценка објавена вчера.

Ова е добредојдена вест која претставува добар поттик да се започне со намалување на каматните стапки, пренесува француската новинска агенција АФП.

За намалувањето на инфлацијата во февруари најмногу придонесоа пониските цени на енергијата и побавниот раст на цените на храната.

Инфлацијата во Германија значително падна веќе во јануари, кога во однос на декември таа падна за 0,8 процентни поени. И тогаш, пониските цени на енергијата најмногу придонесоа за падот.

Според аналитичарите цитирани од АФП и германската новинска агенција dpa, падот на инфлацијата во столбот на европската економија најверојатно ќе ја поттикне Европската централна банка (ЕЦБ) наскоро да започне со намалување на каматните стапки.

Навистина, во борбата против инфлацијата, Управниот совет на ЕЦБ ги зголеми централните каматни стапки на еврото десет пати по ред од јули 2022 година до минатиот октомври, во рекордна низа на монетарно затегнување. Централната каматна стапка за операциите за главно рефинансирање сега е 4,50 отсто, што е највисока од пред последната финансиска и економска криза.

За цела минатата година, инфлацијата во Германија беше 5,9 отсто, многу под 6,9 отсто во 2022 година, но сепак втора највисока стапка од обединувањето на Германија пред повеќе од 30 години.

Паѓа инфлацијата и во Франција. Според податоците објавени денеска од францускиот завод за статистика, растот на потрошувачките цени во втората по големина економија во ЕУ во февруари забави на 2,9 отсто. Во јануари таа изнесуваше 3,1 отсто. Инфлацијата беше намалена, меѓу другото, со пониските цени на храната и услугите, додека цените на енергенсите пораснаа.

Во Шпанија инфлацијата во февруари изнесуваше 2,8 отсто, што е за 0,6 процентни поени помалку отколку во јануари. Во неговото намалување најмногу помогнаа поевтините извори на енергија.