Инфлацијата во Црна Гора во март 5,5 отсто

15

Цените на производите и услугите за лична потрошувачка, мерени преку индексот на потрошувачките цени, во март во однос на истиот период лани се во просек повисоки за 5,5 отсто, покажуваат податоците на Монстат.

Во март, во однос на февруари, потрошувачките цени се во просек повисоки за 0,5 отсто, објави агенцијата Мина.

„Најголемо влијание врз месечната стапка на инфлација имаше зголемувањето на цените во групите: телефонски и факс услуги, облека, горива и мазива за моторни возила, месо, зеленчук, одржување и поправка на возила, културни услуги, краткорочни стоки за рутинско одржување на домаќинството“, наведува тојво соопштението.

Потрошувачките цени во периодот од јануари до март, во однос на истиот период лани, се во просек повисоки за 4,7 отсто.

Гледано по главните групи производи и услуги според намената на потрошувачката, во март во однос на претходниот месец раст е забележан во групите: комуникации 4,4 отсто, рекреација и култура 1,1 отсто, облека и обувки и транспорт по еден отсто , мебел, опрема за домаќинство и рутинско одржување на станови 0,5 отсто, останати стоки и услуги 0,5 отсто, храна и безалкохолни пијалоци 0,2 отсто, алкохолни пијалоци и тутун 0,2 отсто, како и домување, вода, струја, гас и други горива 0,1 отсто.

Пад на цените е забележан во групата ресторани и хотели за 0,6 отсто, додека цените на останатите производи и услуги не бележат значителна промена, објави Монстат.