Инкасирани 3,3 милиони долари од извоз на оваа житарка

56

Македонија во текот на минатата година извезе ориз во вредност од 3.370.000 долари, што е намалување од 7,6% во споредба со 2018 година.

Извозот на ориз во светски рамки, во 2019 година, изнесуваше 21,9 милијарди долари или 16,8% помалку во однос на една година претходно.

Три четвртини од извозот на ориз доаѓа од азиските земји, коишто заработија 16,4 милијарди долари. Втори по извоз се земјите од Стариот континент со 9,1%, а потоа и Северна Америка со 8,7% удел во светскиот извоз на ориз, покажуваат податоците на World’s top exports.

Анализирано по земји, на врвот се најде Индија со 32,5% удел во вкупниот извоз или заработени 7,1 милијарда долари. Меѓу првите пет лани се најдоа и: Тајланд (4,2 милијарди долари), САД (1,9 милијарди долари), Виетнам (1,4 милијарди долари) и Пакистан (1,2 милијарди долари).

Од земјите во регионот, најголем извозник на ориз е Грција со 61,4 милиони долари. Потоа следуваат: Бугарија (37,9 милиони долари) и Словенија (9,6 милиони долари).

Фото: Freepik