ИНОФЕИТ започнува програма за поддршка на иновации кај студентите на УКИМ

21

Интердисциплинарни тимови од Универзитетот Св. Кирил и Методиј (УКИМ) ќе работат на создавање иновативни продукти и решенија во рамки на студентската програма Innovations in Smart Anything Everywhere (INNO-SAE 2019), во организација на Центарот за трансфер на технологии и иновации – ИНОФЕИТ. Ваквата активност претставува демонстрација на иновативниот капацитет на студентите на УКИМ по повод 60 години ФЕИТ.

Програмата пред студентите ја презентираше продеканот за финансии на ФЕИТ, професор д-р Владимир Атанасовски. На 16-ти април 2019 ќе се одржи уште една промоција во просториите на ИНОФЕИТ, каде што ќе се повторат условите, очекувањата и самиот тек на натпреварот. Рокот за поднесување апликации е 10-ти мај 2019 година.

Идејата, според професор Атанасовски, е студентите од различни факултети при УКИМ да работат на иновативни идеи кои може да доведат до развој на прототип и да им помогнат во развивање на нивните претприемнички вештини.

“Наша цел е да ги стимулираме студентите да работат на иновативни идеи и да направат нешто што може да се покаже и да функционира, нешто што има мерлива вредност. Правилата налагаат еден тим да има најмногу пет студенти од различни единки на УКИМ, да поднесат јасно елаборирана идеја и листа со потребна опрема за нејзина реализација. Потоа, жири комисија (составена од професори од УКИМ, претставници од индустријата и компании кои поддржуваат правење бизнис со кои ИНОФЕИТ има блиска соработка) ќе селектира шест тимови кои ќе добијат соодветни ментори и ќе работат на идејата. Секој тим може да добие до 30.000 денари за опрема“, објасни Атанасовски на заинтересираните студенти.

Секоја идеја ќе се работи во текот на летото, а ќе се презентира пред комисијата во септември годинава во просториите на ИНОФЕИТ. По ова, доколку тимот одлучи да формира старт – ап компанија, ИНОФЕИТ со своите партнери, ќе им помогне да добијат поддршка во нивниот понатамошен развој и активно вклучување во иновацискиот екосистем на нашата држава.

Сите заинтересирани студенти повеќе детали за програмата може да најдат на линкот.