Иновациите и новите технологии во фокусот на Технома 2016

22

3S3A6891 - 1

Од 18-ти до 22-ри октомври, ќе се одржи Меѓународниот саем Технома 2016, којшто веќе 42 години претставува успешен деловен настан специјализиран за претставниците на големи, средни и мали домашни и странски производители во областа на металургијата, електротехниката, енергетиката, неметалите, градежништвото, обезбедување и заштита.

Како таква, Технома е високо оценета како од домашната, така и од странската јавност, заради што уште од 1997 година како саемска манифестација е членка на УФИ (Унија на меѓународни саем) чие главно седиште е Париз.

Бројните настани и активности организирани во рамките на програмата на Технома секогаш се во насока на остварување на основната цел: иновациите да се наметнат како важна тема во деловната заедница и да се поттикне соработката меѓу претпријатијата со научните и високо образовните институции, етаблираните македонски компании и стартап заедницата. Потврда за тоа е и новиот настан годинава Техноинвест, којшто се одржува првпат во организација на Фондот за иновации и технолошки развој и Скопски саем, а е поддржан од Програмата за зголемување на пазарната вработливост (ИМЕ) и УНДП.

Настанот го поддржуваат и 12 организации од Македонија кои делуваат во сферата на стартапи, иновации, претприемништво: Сеавус Инкубатор, Регионален центар за социјални иновации, Хаб Скопје, Фондација за претприемачки сервис за млади, South Central Ventures фондот, Технолоџи Парк Тетово, Здружение на алумнисти на програмата СВТ, Македонија 2025, Асоцијација на старт- ап заедницата на Македонија Стартап Македонија, Funky Coworking Friday, Founder Institute Macedonia, СТАРТАП ЗОНА и Емкице Македонија.

За време на Технома ќе се одржат и 17-от Меѓународен саем за занаетчиство и мало стопанство и 37. Меѓународна изложба на иновации, Макинова. Истовремено, ќе се одржи и четвртиот Меѓународен саем за транспорт и логистика што претставува специјализирана саемска манифестација на којашто ќе се претстават повеќе домашни и странски транспортни компании, пристаништа, транспортни асоцијации, логистички центри, терминали и царински складишта, а Партнер на манифестацијата е СИЗ Македонија сообраќај АМЕРИТ. ТРАНСПОРТ И ЛОГИСТИКА 2016, која се реализира биенално нуди разновидна саемска програма на изложување и претставување на учесници од земјата и од странство (Германија, Австрија, Швајцарија и Албанија), но и други придружни настани, средби, трибини кои ќе се одржат во Конгресниот Центар на Скопски саем.

Се очекува и оваа саемска манифестација во петте саемски денови да привлече голем број посетители, посебно што во истиот период ќе се одржи со меѓународниот саем Технома. Овој тип на организација редовно привлекува и компатибилна деловна посета од околу 25.000 посетители, вклучувајќи носители на деловни одлуки, експерти и инвеститори од земјата и регионот, чија заедничка сфера на интерес се техниката и технологијата со предизвиците на новото време со цел склучување зделки со потенцијални партнери од двата саемски настани.

Свеченото отворање на Технома е на 18.10.2016 (вторник) во 11.00 часот во Метрополис Арена.

Работното време на саемот е од 10 до 19 часот, цената на редовната влезница изнесува 90 денари, а за организирани групни посети влезницата чини 40 денари.