Инспектори во Бугарија ги проверуваат условите за работа во текстилната индустрија

32

Textile Factory

Вработените во текстилната индустрија немаат елементарни услови за работа – на пример, немаат столчиња што се корегираат според големината на човекот, работната поза и карактерот на производниот процес. Работниците мораат да стојат кога кројат, пеглаат, прегледуваат дефекти. Ова се некои од забелешките по извршената проверка на 393 претпријатија за производство на облека во Бугарија, во кои работат 17.699 вработени. Контролите се направиени во рамките на кампањата Ергономија на работното место, пишува news.bg.

Инспекторите регистрирале 2.485 прекршоци, од кои 1.575 не се поврзани со ергономијата на работното место, туку се поврзани со барања за обезбедување на здравствени и безбедни услови за работа. Регистрирани се случаи на вработувања без писмен договор, задоцнети плати, нерегулирани прекувремени работни часови и друго.

Утврено е дека работните површини се мали и ја ограничуваат слободата на движење при вршење на одделни активности. Според инспекторите, не се изработени специфични заштитни програми за секој вид на работа за намалување на ергономските фактори на ризик, како што се ограничување на повторливи движења, работење во неудобна работна поза, работа во напорни и болни пози за телото.

Според истражувањето на Евробарометар, за 28% од вработените ергономските ризици по здравјето на работното место се веднаш по стресот (53%). Третиот ризик е кревање на тешки работи, носење или преместување на товар (24%).