Инсталација на вертикални градини за прочистување на воздухот во Скопје и Тетово

51

1-580x326

Во 2014 година е основана  компанијата Green City Solutions којашто стои зад иновативно решение за проблемот со загадениот воздух во градовите – City Tree.

City Tree или во буквален превод Градско Дрво е вертикална структура од мовови, со висина од четири метри, ширина од три метри и длабочина од 60 сантиметри. City Tree претставува комбинација од специфични култури на мовови со васкуларни растенија кои “јадат“ ситна прашина (ПМ), азотни оксиди и озон и имаат способност да неутрализираат 240 тони јаглерод диокси годишно.

City Tree има пропустлива структура којашто има способност и да ја забави брзината на ветерот. Мововите и васкуларните растенија ја привлекуваат и фаќаат ситната прашина, а потоа ја претвораат во фитомаса која ја користат како храна.

Овој растителен филтер го компензира загадувањето од 417 автомобили на годишно ниво и може да се адаптира на секоја животна средина. City Tree има ист ефект како 275 дрва.

Благодарение на соларните панели и системот за фаќање на дождовни води, оваа структура е практично самоодржлива и потребно е сервисирање од само неколку часа годишно. Конструкцијата содржи и сензори за собирање на податоци од важност за животната средина и климата со цел да ја регулира и контролира целата структура и да се осигура растенијата да преживеат.

За да се обезбеди профитабилност на производот, овозможена е и опција за имплементирање на визуелни и дигитални информации за маркетинг кампањи на вертикалниот растителен ѕид.

Досега City Tree е успешно инсталиран во повеќе европски градови, вклучувајќи ги: Осло (Норвешка), Париз (Франција), Дрезден и Клигентал (Германија) и Хонг Конг (Кина).

Во Македонија загадувањето на воздухот е значително во последните неколку години. Проектот CityTree ќе помогне во борбата против загадувањето на воздухот во Скопје и во Тетово, со можност да се реплицира и во други градови. Воедно, ќе служи и за да се подигне свеста и да се започнат дискусиите за политики и практики за ублажување на проблемите со загадувањето на воздухот.

Проектот City Tree го спроведува Центарот за истражување и информирање за животна средина Еко – свест од Скопје во соработка со Германската Амбасада, Град Скопје и Општина Тетово. Со проектот се планира инсталација на вкупно две City Tree структури во Скопје и Тетово кои се обезбедени со помош на донации од македонски и странски компании. Компаниите кои дадоа поддршка на проектот се: Пакомак, ЕДС, Еколог, Везешари, ПроКредит Банка, ДХЛ, Кнауф и ДиМед.

Се планира и спроведување на јавна и едукативна кампања за да се подигне свеста и за придобивките од City Tree, како и за потребата да се преземат чекори и мерки за подобрување на квалитетот на воздухот во земјата.