Фото: Facebook
Еден од пионерите во технолошкиот свет, американската компанија Intel, е под истрага за можна старосна дискриминација во отпуштањата кои ги направи во 2016 година, пишува The Verge. Проблемот настана кога отпуштањата од Intel беа еден вид обид на компанијата да се ослободи од повозрасните вработени, за сметка на младите.
Имено, пред две години кога Intel ги објави своите отпуштања заради реструктуирање, посочи дека тоа ќе биде процес што ќе се протега до 2017 година и ќе вклучува мешавина на доброволни и неволни отпуштања. Извештајот, пак, на еден угледен американски весник покажа дека при еден сет од 2.300 отпуштања, средната возраст била 49 години, седум години постари од средната возраст на преостанатиот персонал.
Денес, десетици поранешни вработени бараат правни совети за тоа дали можат да тужат, а некои од нив веќе поднесоа жалби до Комисијата за еднакви можности за вработување на САД. Ако Комисијата се изјасни позитивно многу е веројатно дека ќе се покрене тужба против американскиот гигант.
Овој случај на потенцијална дискриминација врз основа на возраст е уште еден во низата такви кои доаѓаат од технолошкиот свет. Пред неколку месеци беше пласиран уште еден извештај за возрасна дискриминација и во IBM.