Почеста комуникација меѓу бизнис-заедниците и поедноставување на царинските постапки во делот на фито-санитарната политика, ќе бидат главните заложби на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски и босанскиот министер за надворешна трговија и економски односи Мирко Шаровиќ, со цел да се зајакне економската соработка помеѓу двете земји.
Двајцата министри на денешната средба во Скопје изјавија дека постои огромен простор за зголемување на трговската размена меѓу двете земји чиј годишен обем засега е 150 милиони евра.
“Сметаме дека не е доволно сторено во овој правец. Потребни се дополнителни чекори за унапредување на трговската соработка, за пласман на нашите производи во БиХ и обратно. Ќе организираме бизнис средби во соработка со коморите со цел размена на информации за потенцијалот за пласманот на земјоделско-прехранбените производи и поинтензивен маркетинг преку настап на саеми и други форми на презентација и промоција како начин за унапредување на извозот”, рече министерот Димовски на прес-конференцијата.
Тој потенцираше дека акцентот ќе биде ставен и на размената на искуства за евроинтеграциските процеси во земјоделскиот и руралниот сектор, особено во однос на јакнење на административниот капацитет на институциите.
Босанскиот министер ја нагласи потребата од реализирање заеднички иницијативи и за зголемување на соработката преку ЦЕФТА.
“Двете економии, особено земјоделството, не се меѓусебно конкурентни. Напротив, постои многу простор за зголемување на размената”, напомена Шаровиќ и најави дека во претстојниот период Македонија и БиХ ќе ги усогласат документите за поедноставна размена на стоки и ќе работат на отстранување на царинските бариери.