Интензивна комуникација со ЕК за грант договори за покривање на трошоците за вакцините

33

Попладнево беше одржан видео состанок инициран од Европската комисија (ЕК), на којшто беа адресирани сите важни аспекти за мерките кои ЕУ ги презема за обезбедување вакцини за земјите од Западниот Балкан.

На состанокот, како претставник на Владата на Северна Македонија учествуваше државната секретарка на Секретаријатот за европски прашања, Калинка Габер која информираше за состојбите, преземените и планираните активности, како и за националните потреби за успешно спроведување на вакцинацијата против коронавирусот. Северна Македонија беше поздравена за навремената подготовка на Националниот план за вакцинација против Ковид19, како и за изготвувањето на стандардни оперативни процедури за прием, ракување, складирање и дистрибуција на вакцините.

Директорката за Западен Балкан во Генералниот директорат на ЕК за соседство и преговори за проширување, Геновева Луиз Калавера во своето воведно обраќање информираше дека и покрај сериозниот недостиг на расположливи дози и за самите земји членки, Европската комисија останува посветена на обезбедување вакцини за земјите од регионот. Таа информираше дека ЕК ги завршила подготовките за пренасочување на 70 милиони евра ИПА средства за набавка, за која што во наредните три до четири недели до надлежните власти на ЗБ6 ќе бидат доставени грант договори за покривање на трошоците за вакцините, опрема и потрошен материјал.​

Фото: Freepik