Интернет продажбата на Inditex му ги зголеми приходите за 48%

26

Шпанскиот малопродажен гигант, Inditex прикажа скок на приходите во првото фискално тримесечје благодарение на интернет продажбата што има голем пораст во време на пандемија. Во тримесечјето заклучно со април оваа година, приходите на шпанската компанија пораснаа за 48% во однос на истиот период минатата фискална година, на 4,9 милијарди евра. Во споредба со првото фискално тримесечје од пред пандемијата 2019/2020 година, приходите се пониски за 17,4%.

Inditex првото тримесечје го заврши со нето добивка од 421 милион евра. Во истиот период лани, прикажа нето загуба од 409 милиони евра. Во споредба со истиот период пред пандемијата, нето добивката е пониска за една третина.

Добивката пред оданочување изнесуваше 1,23 милијарди евра и трипати поголема одошто во истиот период лани, но е за една четвртина пониска одошто во 2019 година.

Интернет продажбата се зголеми за две третини, одразувајќи ја определбата на купувачите да ги користат дигиталните канали на продажба во време на строги ограничувања и затворање на продавниците со цел да се спречи ширење на пандемијата.

Компанијата соопшти дека до шести јуни ги отвори скоро сите физички продавници, но со околу 10% помалку работни часови поради пандемијата.

Фото: Freepik