ИНТЕРВЈУ со Дукоски: Ако стопанството падне на колена, сите одиме надоле

774

Веќе неколку месеци како комора алармираме дека нема конкретни решенија, нема солуција на проблемите. Никој од нас не чека решение на готово, но гледаме дека во регионот секоја Влада најде начин да го субвенционира стопанството, има решение, само ние немаме. Не чека многу тешка зима, но сепак треба да бидеме оптимисти дека од оваа ситуација ќе излеземе посилни или барем повеќе подготвени за во иднина, вели во интервју за „Бизнис инфо“ Сашо Дукоски, претседател на Трговска комора при Сојузот на стопански комори на Македонија, посочувајќи дека „ако стопанството падне на колена, сите одиме надоле“.

Дукоски посочува дека се соочуваме со криза во секој скоро домен на економијата и пред нас се големи предизвици, а кога станува збор за поскапувањето на цените први на удар се трговците, па производителите.

– Ова е тежок период за целата македонска економија и тоа претставува голем товар и за компаниите и за граѓаните. Затоа во овој период мора да зборуваме и дејствуваме за помагање на стопанството, а со тоа и на граѓаните кои најчесто работат во приватниот сектор, истакнува првиот човек на Трговската комора при ССК.

На прашањето како да се спречат „манипулациите“ со цените во маркетите, посебно во овој кризен период, Дукоски е дециден дека „секој што се обидува да манипулира треба да биде казнет“, но дека не е во ред да се прави генерализација на цел еснаф дека трговците заработуваат и профитираат во оваа ситуација.

– Тоа како комора навистина многу ни пречи со оглед на тоа што никој како да не сака да види дека ние како трговци исто така имаме сериозно зголеми трошоци и тоа петпати зголемени сметки за струја, скоро двојно зголемена цена на нафтени деривати, зголемена цена на сервисни услуги, транспортни услуги, имаме вработени, имаме магацини, дистрибуција, истакнува тој во интервјуто.

Вели дека предложиле измени на постоечки, па и целосни промени на законски решенија за подобра и поефикасна бизнис клима во време на криза, но за жал нивниот глас засега се уште тешко се слуша.

– Можам да набројам повеќе законски решенија кои треба да се унапредат, но уште поважно е да се намалат непотребните или двојни регулативи при нивното спроведување се со цел да сме поефикасни и една иста постапка да не се води пред повеќе органи, посочи Дукоски.

Повеќе од еден месец веќе сте на чело на Трговската комора при ССК. Во каква состојба ја дочекавте комората и кои се првите чекори и проекти кои ќе ги преземете на краток рок?

-Јас преземав комора што е доста добро организирана. Системот што го преземав опфаќа повеќе стотици компании. Водењето на оваа комора е голема одговорност имајќи предвид дека станува збор за преземање на обврските во навистина турбулентен период на нашата економија. Се соочуваме со криза во секој скоро домен на економијата и пред нас се големи предизвици. Посебно кога станува збор за поскапувањето на цените први на удар се трговците, па производителите. А факт е дека и едните и другите имаат зголемени трошоци од секој аспект, а посебно за енергенсите. Ова е тежок период за целата македонска економија и тоа претставува голем товар и за компаниите и за граѓаните. Затоа во овој период мора да зборуваме и дејствуваме за помагање на стопанството, а со тоа и на граѓаните кои најчесто работат во приватниот сектор.

Секое губење на работно место, секое затворање на некој бизнис поради оваа криза ќе се одрази многу на економијата. И треба да направиме се тоа да го спречиме. Ние како комори да бидеме критички настроени кон секоја негативна појава, да предлагаме решенија, да алармираме за не функционалностите, а Владата треба да ја понесе својата одговорност и да излезе во пресрет на барањата затоа што не може да имаме силна држава ако немаме силна економија.

Економската и енергетската криза е дел од секој разговор на граѓаните, цените на производите и условите растат, додека зимата сите ја очекуваме во страв, со оглед на најавата на зголемувањето на цените на струјата и гасот. Властите се обидуваат со мерки да го ублажат „хоророт“ кој претстои, но дали е тоа доволно? Како вие гледате на ситуацијата?

-Се наоѓаме во исклучително тешка позиција. Како држава постојано доцниме со решенијата. Се чека во 5 до 12 да се решаваат работи кои веќе требаше да се спроведуваат, а во случајов веќе се доцни многу. Кога немате точни конкретни решенија, кога имате само најави и чекате да се остварат, а гледате дека решение сè уште нема, бизнисите се обидуваат да рационализираат. Штета е што таа рационализација не се користи како развојна компонента туку како опстанок. Треба да имате на ум дека во приватниот сектор работат околу 700 000 луѓе. Едноставно не е во ред да си играте со судбината на овие луѓе од каде се обезбедуваат средства за функционирање на сите, на државата, и најважно на вработените во јавниот и државниот сектор.

Ако стопанството падне на колена, сите одиме надоле. Ние веќе неколку месеци како комора алармираме дека нема конкретни решенија, нема солуција на проблемите. Никој од нас не чека решение на готово, но гледаме дека во регионот секоја Влада најде начин да го субвенционира стопанството, има решение, само ние немаме. Не чека многу тешка зима, но сепак треба да бидеме оптимисти дека од оваа ситуација ќе излеземе посилни или барем повеќе подготвени за во иднина.

Покачувањето на цените е поради производителите, но и трговците прават манипулации, е заклучокот кој Симеска-Димоска, директорката на Пазарен инспекторат, го сподели деновиве. Ист производ, а различни цени во маркетите стана вообичаена слика во земјава. Како да се спречат „манипулациите“ со цените, посебно во овој кризен период?

-Јасно ставивме до знаење дека секој што се обидува да манипулира треба да биде казнет. Како комора наш приоритет е да има исти услови за сите. И не е во ред да се прави генерализација на цел еснаф дека трговците заработуваат и профитираат во оваа ситуација. Тоа како комора навистина многу ни пречи со оглед на тоа што никој како да не сака да види дека ние како трговци исто така имаме сериозно зголеми трошоци и тоа петпати зголемени сметки за струја, скоро двојно зголемена цена на нафтени деривати, зголемена цена на сервисни услуги, транспортни услуги,  имаме вработени, имаме магацини, дистрибуција. Но, кога се зборува за проблемот со покачувањето на цени треба да се сфати дека тоа е ланец каде на секој чекор од тој ланец имате зголемени трошоци, а ние сме на речиси на самиот крај на тој процес. Ниту едно поскапување не зависи од нас, но, бидејќи ние сме контактот помеѓу производот и потрошувачот обично е најлесно да се добие улогата на виновник за покачените цени.

И како што кажав и меѓу трговците има исклучоци кои ја користат својата позиција, но тоа се мали исклучоци и не смее да се прави генерализација. Оној што ја злоупотребил позицијата треба да се санкционира. Голем дел од нив својата дејност ја вршат на црно или делумно законски, односно во сива зона и уште еднаш ги повикуваме институциите да ги санкционираат овие учесници и да направат добро и да државата и за бизнисите кои се столб на економијата.

Кои закони, според вас, треба да се променат, поготово во период на криза и што во нив конкретно, за подобра и поефикасна бизнис клима?

-Секое законско решение треба да се унапредува и со тек на време да се подобрува. Убаво е што многу законски решенија се усогласуваат со европското законодавство, но уште поважно е и спроведувањето да го следи истото темпо. Ние имаме целосно функционални решенија кои не се спроведуваат целосно или не се спроведуваат рамномерно, а ако затаите со спроведувањето на некое законско решение за дел од учесниците во економијата тоа се прелева на други полиња и тоа сите не носи во ситуација кога системот станува неодржлив.

Во моментот ние предложуваме измени на постоечки, па и целосни промени на законски решенија. За жал нашиот глас засега се уште тешко се слуша и верувам дека тоа во најскоро време ќе се промени, затоа што мора да ни стане јасно дека треба да се слушаат и прифаќаат предлозите на самите учесници во процесот. Треба еднаш да ни стане јасно дека нереални прописи не нè доближуваат до пофункционално и подобро, ако сакате можете и да го наречете европско живеење. И најважно од се е дека бизнисот, вработените, па и државните органи не се спротивставени страни во тој пат.

Можам да набројам повеќе законски решенија кои треба да се унапредат, но уште поважно е да се намалат непотребните или двојни регулативи при нивното спроведување се со цел да сме поефикасни и една иста постапка да не се води пред повеќе органи.

Една од темите кои европејците ги „туркаат“ во последниов период е се оданочуваат високите приходи и супердобивките на компаниите за да се финансира помошта за најсиромашните во услови на инфлација и да се избегне зголемување на јавниот долг. Треба ли, по ваше мислење, да се преземат слични чекори и во земјава?

-Повеќе пати сум истакнал дека дополнителни средства треба да се обезбедат од ставање во легална рамка на нелегалните бизниси, а не со дополнително даночење на економските субјекти кои и сега си ги плаќаат сите давачки. Искуството покажува дека пониските даноци водат до помала даночна евазија и подобри резултати. Доколку сакате да помогнете на повеќе луѓе, вклучувајќи ги и социјално најранливите треба да помогнете на бизнисот, на компаниите затоа што тие се најголеми создавачи во општеството. Приходите на државата доаѓаат од давачките кои ги плаќаат компаниите и од задолжувањето во земјата или странство.

Јавниот долг е исто така статистичка категорија и ако институциите се справат со субјектите кои работат на црно или во сива зона, тоа ќе значи обезбедување на средства кои ќе обезбедат повеќе инвестиции и подобар живот за сите граѓани, а воедно и процентот на задолженост драстично ќе се намали. Важно е да се истакне и дека на тој начин ќе се намали и потребата за задолжување на домашниот пазар, што ќе овозможи и дополнителни средства за финансирање на развојот на компаниите и економијата севкупно.

Кога ме прашувате за високите приходи и супер добивките, прво треба да ја видиме листата на 100 најпрофитабилни компании во нашата држава и веднаш ќе ни стане јасно дека меѓу нив нема да најдеме многу трговски компании. Има помалку од прстите на една рака и тоа исклучиво оние кои не продаваат домашни производи или учеството на домашни производи во нивните приходи е незначително. Тоа е најдобар показател дека за целото време прстот погрешно се вперува во трговските компании и крајно време е да се обрне внимание и на другите сектори, а особено на оние кои предизвикуваат сериозни извлекувања од државниот буџет.

Ние имаме генерално увезена инфлација, односно поскапувања кои не зависат од нас, а тоа ги опфаќа електричната енергија, цената на гасот, цената на нафтените деривати, цената на транспортот, особено на поморскиот и воздушниот, но исто така и на копнениот.

„Отворен Балкан“ е иницијатива која во последниве години е силно поддржана од Сојузот на стопански комори, пред се затоа што се работи за економска соработка и придобивки. Како вие гледате на досегашната соработка меѓу трите земји-членки? Може ли ова да е некаква замена за идна евроинтеграција?

-Иницијативата „Отворен Балкан“ во никој случај не може и не треба да се гледа како замена за евроинтеграциските процеси. Таа нуди многу можности за компаниите и поединците и се надевам дека ќе продолжи да се спроведува со несмален интензитет. Тука станува збор за заеднички настап на сите држави во одредени области, особено туризмот и промоција како регион за инвестиции, но најважно од се е што се кратат регулативи, се унифицираат процеси и документи кои досега претставуваа финансиска и административна пречка за непречено функционирање и развој на економиите во регионот.

Во рамките на оваа иницијатива се либерализира пазарот на работна сила и единствено од самите учесници во процесот зависи колку ќе искористат од тоа. Еден пример за тоа е дека сега ќе биде многу поедноставно сите оние работници кои доаѓаат да работат тука во нашата држава да бидат вклучени во системот и да не работат нелегално, народски кажано на црно, како што е случај досега, за што има многу реакции од страна на домашните компании.

Заклучок е дека ова иницијатива може да биде win – win, односно сите учесници да имаат корист од тоа.

В.З.