ИНТЕРВЈУ СО СИНИША НАУМОСКИ:Имаме буџети со амбициозни капитални планови, но реализацијата секоја година заостанува

Имаме буџети со амбициозни капитални планови, но реализацијата секоја година заостанува. Во 2025 повторно се соочуваме со истото. Растот на платите и линеарниот пораст на пензиите направија “ценовен притисок“, економскиот раст од 3,5 % е доволен колку да кажеме дека економијата не стагнира. Ова се дел од поентите во интервјуто со професорот и економист Синиша Наумоски.

Бизнис инфо: Годинава, како што велат од Владата, треба да сме задоволни ако инфлацијата е околу 4% . Оваа стапка е далеку повисока од првичната од 2,7%. Според вас, зошто повторно се соочивме со ценовен притисок?

Наумоски: Иако инфлацијата во 2025 веќе не е двоцифрена како во периодот 2022–2023, денешното ниво од околу 4% сепак е значително повисоко од нашиот историски просек од околу 2,7%. Тоа укажува дека дел од ценовните притисоци не исчезнаа, туку се прелеаа во внатрешната динамика на економијата.

Прво, базичната инфлација останува упорно висока. Официјалните статистики покажуваат дека во јуни 2025 годишната инфлација повторно се искачи на 4,5 %, пред сè поради растот на цените на услугите и прехраната. Падот на енергетските цени веќе не го игра стабилизирачкиот ефект што го имаше претходните години, па затоа и вкупната инфлација се движи поспоро надолу.

Второ, цените на храната не го следат целосно падот на светските берзи. Европската комисија нотира дека и покрај смирувањето во 2024 година, инфлацијата повторно се забрзува и достигнува 4,4% до август 2025, токму поради покачувањата на храната и услугите. Домашните структурни слабости – ограничена аграрна понуда, ниска продуктивност и скапа логистика – го прават нашиот систем помалку чувствителен на глобалните поевтинувања.

Трето, силниот раст на платите неизбежно создава дополнителен притисок врз цените. Од ресорот за финансии посочија дека просечната плата пораснала за над 10%, во услови кога инфлацијата е околу 4–5 %. На прв поглед тоа изгледа позитивно за животниот стандард, но економската реалност е дека токму растот на платите — особено во услуги — ги зголемува трошоците на фирмите и ја одржува базичната инфлација повисока.

Бизнис инфо: Владата воведуваше одредени мерки за „амортизирање“ на ценовниот притисок, па дури и таргетирани “кошнички“ кои опфаќаа производи со “регулирани“ цени …

Наумоски: Административните мерки што беа воведувани во серија – замрзнати маржи, ограничени „кошнички“, намалени даночни стапки – не ја дадоа посакуваната трајна стабилизација. Дел од стопанските комори кај нас укажуваат дека во само три и пол години биле донесени 21 одлука за ограничување на цени и маржи, но без суштински структурни реформи нивниот ефект е краткотраен. Кога контролите почнаа да се укинуваат во втората половина од 2025 година, цените повторно се прилагодија нагоре.

Затоа денешната инфлација од околу 4% не е резултат на нов надворешен шок, туку на комбинација од остатоци од претходните шокови и силен домашен ценовен импулс.

Бизнис инфо: Дел од цените на основните прехранбени производи на светските берзи сепак во текот на годината се намалуваа, од друга страна на домашен терен се чини дека сите овие мерки не дадоа ефект…

Наумоски: Иако дел од светските цени на основните прехранбени производи навистина се намалуваа во текот на годината, домашниот пазар не реагираше со ист интензитет. Причината е што преносот на берзанските цени кај нас е бавен, непотполн и често блокиран од структурните слабости во економијата. Имаме недоволно развиен аграр, ограничена конкуренција, високи логистички трошоци и зависност од увоз — сите фактори кои ја амортизираат секоја позитивна промена однадвор.

Во такви услови, административните мерки како замрзнување маржи, ограничени „антиинфлациски кошнички“ или намалување даноци можат да создадат краткорочна фиксација на цените, но не и да го сменат нивото на вистинската пазарна рамнотежа. Многупати видовме дека веднаш по укинувањето на мерките, цените се враќаат на „нормалното“ ниво кое фирмите претходно го перципирале како одржливо.

Мора да се каже и ова: претерана регулација често го намалува мотивот за конкуренција и инвестиции во подобра продуктивност. А без конкуренција и продуктивност, цените не паѓаат — ни со 20 владини одлуки, ни со 200.

Бизнис инфо: Инфлација од околу 4%, раст на БДП, според проценките на Владата од 3,5%. Дали инфлацијата и годинава “го изде“ растот ? Како го дефинирате животниот стандард во моментов? 

Наумоски: Ако гледаме чисто макроекономски, растот на БДП од околу 3,5 % е доволен да се каже дека економијата не стагнира, но не е доволен да зборуваме за забрзување или значајно подобрување на благосостојбата. Истовремено, инфлацијата од околу 4 % значи дека дел од реалниот раст „испарува“ во ценовните движења, особено кај домаќинствата со пониски приходи каде што најголем дел од буџетот оди за храна и енергија.

Животниот стандард го дефинирам како стабилизиран, но и натаму чувствителен. Платите растат забележително и тоа им помага на многу граѓани да го амортизираат ударот на инфлацијата. Но, истовремено, трошоците за живот растат брзо во неколку категории кои се клучни за секое домаќинство: храна, ренти, услуги, лекови. Овој „двостран притисок“ создава чувство на финансиска теснотија, дури и кога статистиката покажува умерено подобрување.

Јас често велам: економијата покажува стабилизација, но граѓаните сè уште не ја чувствуваат. И таа разлика меѓу макро-перцепцијата и микро-реалноста е суштината на економското чувство во 2025 година.

Бизнис инфо: Сметате ли дека порастот на пензиите, пред сè линерниот, во два наврати по 2.500 денари, влијаеше врз инфлацијата? Да потсетам во извештајот на ЕК беше потенцирано влијанието на растот на пензиите.

Наумоски: Без дилема – ДА, постои проинфлациски ефект, иако тој не е единствен ниту доминантен фактор. Пензионерите се голема група потрошувачи и секое значајно зголемување на нивниот доход веднаш се прелева во побарувачката за храна, лекови и услуги. Тоа на краток рок ја зголемува потрошувачката и врши притисок врз цените. Европската Комисија токму тоа го нотираше – дека динамиката на платите и пензиите кај нас често го надминува продуктивниот потенцијал на економијата. И кога таквото зголемување не е проследено со фискална компензација во други расходи, се создава и дополнителна тензија врз буџетот.

Социјалната политика мора да остане поддршка за ранливите категории, но од аспект на ценовна стабилност е клучно зголемувањата да бидат предвидливи, формулски засновани и усогласени со реалната продуктивност — наместо да доаѓаат во скокови.

Бизнис инфо: И годинава се бориме за реaлизација на капиталните расходи – следната година сумата се намалува на 640 милиони евра. А токму јавните инвестиции треба да бидат “моторот“ на растот, не само краткорочен туку долгорочен, одржлив?

Наумоски: Ова е едно од најстарите структурни прашања во нашата економија: имаме буџети со амбициозни капитални планови, но реализацијата секоја година заостанува. Во 2025 повторно се соочуваме со истото – недоволна изведба на инфраструктурни проекти, административни пречки, слабости во јавните набавки и недоволно капацитети за проектен менаџмент.

Намалувањето на планираните капитални расходи во година кога ни треба токму спротивното — поголем инвестициски замав — јасно укажува дека буџетот е под притисок од тековни расходи кои не може лесно да се намалат. Тоа е сигнал дека имаме структурен проблем во приоритизацијата на расходите.

Овој буџет е буџет на стабилност, а не на експанзија. Пораката што Владата ја испраќа е следна: (1) Приоритет е заштитата на животниот стандард преку зголемени плати, пензии и социјални трансфери; (2) Фискална дисциплина – задолжувањето од околу 1,7 милијарди евра е калибрирано така што најголемиот дел од средствата (950 милиони еврообврзница) служат за рефинансирање на стари долгови, а не за нови трошоци; и (3) Претпазливост во инвестициите – капиталните расходи се намалени за околу 650 милиони евра, што ја рефлектира оценката дека досегашниот систем не може да апсорбира поголеми суми ефикасно. Наместо квантитет, се најавува фокус на подобар квалитет и изведба.

Пораката е јасна: 2026 е година на стабилизација, а вистинскиот инвестициски и реформски циклус се планира за 2027 година, кога треба да профункционираат и кредитните линии од Велика Британија, кои не се планирани за следната (2026) година.

Бизнис инфо: Дали гледаме знаци на “фискална консолидација“. Во извештајот на ЕК се нотираше дека отсуствува, Владата вели продолжува со политиката на консолидирање на јавните финансии …

Наумоски: Фискалната консолидација не е само декларативна намера да се држи дефицитот под контрола. Таа бара конзистентна и предвидлива политика на повеќе години, јасно намалување на дефицитот, подобрување на структурата на расходите и внимателно задолжување.

Владата тврди дека продолжува со консолидација. Се прават напори за одржување на дефицитот во разумни рамки, но истовремено се носат нови трајни расходи на платниот список — пензии, плати, субвенции — кои ја стеснуваат фискалната маневра. Европската Комисија со право забележа дека консолидацијата е спорна во континуитет и дека недостига суштинско подобрување на структурата на јавните финансии. Накусо: имаме насока, но недостига поголема динамика. А тоа ја прави консолидацијата ранлива на политички циклуси.

Д.А.