Инвестиции на ЗК Пелагонија од 20 милиони евра за биогасна централа и најсовремена фарма во Македонија

143

IMG_4244

Земјоделскиот комбинат (ЗК) Пелагонија АД Битола во селото Новаци кај Битола пушти во употреба два големи капацитети, првата биогасна централа со капацитет од 3 мегавати на час во Македонија и современа фарма наменета за 2.000 молзни крави.

Станува збор за вкупна инвестиција од околу 20 милиони евра, пари кои во најголем дел се обезбедени од редовното работење на ЗК Пелагонија.

Биогасната централа нуди најсовремено еколошко решение за справување со арското ѓубриво од фармата, со чија преработка и заедничко ферментирање со фуражната пченка се добива биогас од којшто се произведуваат по 3 мегавати струја на час. Ова е прв ваков капацитет во земјава способен да произведе толкаво количество зелена енергија. Во изградбата на биогасната централа ЗК Пелагонија инвестираше 10,5 милиони евра.

“Изградбата на биогасни централи претставува најсовремено еколошко решение во развиените земји во светот за справување со арското ѓубриво од фармите. Ние воопшто не заостануваме зад тој светски тренд. Напротив, можеме да се пофалиме дека сме една од најголемите фирми во Европа коишто се занимаваат со производство на зелена енергија, односно струја произведена од биогас“, изјави Драган Китановски, директор на ДООЕЛ Пелагонија – Енерџи.

Дизајнерските и проектантските решенија, технологијата и опремата што се употребува за производство на метан се набавени од реномираната компанија Рота Гвидо од Италија, додека опремата за производство на електрична енергија е од Џенерал Електрикс, најпознатиот бренд за производство на генераторски агрегати од САД.

IMG_3964

Освен биогасната централа во Новаци, ЗК Пелагонија инвестира и во втор капацитет кај фармата во селото Породин, а наскоро планира да гради и трет. Со тоа ќе го заокружи вкупното производството на 6 мегавати електрична енергија на час, инвестиција вредна 10 милиони евра во прва фаза. Во втората фаза планирана е изградба на стакленици за двете централи на површина од 10 хектари, за да може целосно да се искористи топлината којашто се добива од ладење на генераторите. Притоа, ќе се обезбеди целосна еколошка заштита на земјоделските површини и на околината.

Паралелно со инвестицијата во биогасната централа, ЗК Пелагонија вложи и во изградба на современи штали во Новаци со капацитет од 3.000 животни од кои 2.000 се молзни крави а остатокот помлади категории.

Притоа, современата фарма доби нов телчарник и ново молзилиште ротолактор со капацитет од 300 крави на час, а реновирано е и старото Делавал молзилиште. Комбинатот набави нови молзни крави и јуници и воспостави комплетно нов современ систем за ѓубрење, којшто арското ѓубре од шталите и молзилиштето директно го носи во биогасната централа. ЗК Пелагонија во изградбата и модернизацијата на фармата инвестираше 9,78 милиони евра.

“Секоја година внесуваме новини во сточарската технологија, а последните неколку години имавме значајни вложувања во делот на реконструкција и изградба на сточарските капацитети. Со последната голема инвестиција од речиси 10 милиони евра во капацитетот во Новаци добивме најсовремена фарма којашто може рамноправно да се носи со најразвиените во Европа. Континуираното вложување во технологијата и капацитетите придонесува ЗК Пелагонија да ја задржи својата позиција на најголем производител на храна во земјава, но и постепено да ги освојува  и пазарите во регионот“, изјави Томе Давков, директор на ЗК Пелагонија.

За целосна функционалност на овој голем комплекс потребно е да се обезбеди доволно силажа за храна за кравите, која исто така е и влезна суровина во биогасната централа. За оваа цел, ЗК Пелагонија во последните три години вложи повеќе од 7,6 милиони евра за набавка на трактори, комбајни и силажни комбајни од брендот Џон Дир, како и соодветна приклучна механизација за модернизирање на производството.