Инвестициите на Субрата Рој во Македонија продолжуваат непречено

88

subroto-royПоследните случувања околу обврските што ги имала компанијата Сахара Паривар во Индија, не ги попречуваат активностите за реализација на инвестицијата на индискиот милијардер Субрата Рој во Македонија.

Според соопштението на компанијата, Рој ги исплатил обврските кои ги побаруваше Индиското регулаторно тело – СЕБИ, и сите домашни и меѓународни проекти продолжуваат без какви било последици. Македонските владини инстититуции велат дека се во постојан контакт со претставници на компанијата и со него лично.

“Во изминативе десетина дена бевме во постојан контакт со највисоките претставници на Сахара. Од таму ни беше потврдено дека нивниот интерес и активности поврзани со проектите во Македонија на никој начин не се афектирани и работата продолжува непречено. Оваа нивна определба за сите домашни и меѓународни проекти е истакната и во официјалното соопштение објавено од страна на Сахара”, изјави за МИА директорот на Дирекцијата за ТИРЗ Виктор Мизо.

Тој додаде дека присуството на претставници на компанијата во Македонија се одвива според претходно договорениот план и динамика и дека нивната работа е пред се насочена кон анализата на сите потенцијални проекти од различни сфери на интерес и средби со претсавниците на релевантните државни институции.

Мизо изјави за МИА дека со Субрата Рој се слушнал и лично на телефон оваа недела.

“Вкупните обврски на двете компании беа 4774,32 милиони долари, а вкупната исплатена сума е 4095,81 милиони долари. Неисплатените обврски беа 678,51 милиони долари. Повеќе од 50% од оваа сума е веќе исплатена од страна на компанијата кон инвеститорите во руралните области и оваа сума е во процес на верификација. Каматата од 15% на целата сума е 253.80 милиони долари. Исплативме на СЕБИ 948,15 милиони долари. Според тоа, Сахара од денес нема никакви обврски, напротив ќе биде во можност да поврати големи средства од СЕБИ. Информациите во врска со хипотеката на имотите на овие две компании се целосно неточни, измислени и неосновани”, истакнуваат од компанијата.

Во соопштението од компанијата објавено во медиумите, се наведува дека овие две компании ги инвестираа своите средства во проекти за недвижности, како и во акции во компании за недвижности, но сега тие ги повраќаат назад сите нивни средства со профитите за расчистување на заостанатите обврски на инвеститорите бидејќи интересот на инвеститорите е нивен највисок приоритет.

Во соопштението се вели дека сиот капитал и акционерските друштва на Сахара груп се ослободени од каква било хипотека или обврски. Земен е мал заем од банките од околу 120 милиони долари за проекти по банкарски услови.

Сахара груп ги уверува нивните бизнис партнери и соработници дека се работи на нивните проекти, домашни и меѓународни, и оти продолжуваат без какви било последици.