
„Експедишнс“, инвеститор фокусиран на европски стартапи од областа на одбраната, обезбеди повеќе од 100 милиони евра за својот втор фонд, надминувајќи ја својата почетна цел и е на добар пат да го затвори целиот износ од 150 милиони до крајот на 2025 година.
Основана во 2021 година од експертот за одбрана и технологија д-р Миколај Фирлеј и Станислав Кастори, „Експедишнс“ инвестира во амбициозни стартапи кои комбинираат напредни технологии и безбедност.
Нивното портфолио, пишува „Фајненшл тајмс“, опфаќа клучни сектори, вклучувајќи одбрана и разузнавање, сајбер безбедност, автономија, вештачка интелигенција, квантно пресметување, приватност, комуникациски решенија и вселенски технологии.
Ослободувајќи го својот прв фонд пред сегашниот пораст на инвестициите во одбраната, перформансите на „Експедишнс“ ги рангираат меѓу првите 0,01 проценти од фондовите во светот, според критериумите на „Кембриџ Асошиејтс“.
Фондот I веќе поддржа неколку водечки стартапи, вклучувајќи ги „Алпин Игл“, „Блеквол“, „Команд АИ“, „Дисурптив Индастрис“, „Лабрис“ и „Ну Квантум“.
Нивниот втор фонд, од друга страна, досега инвестираше во 30 проценти од најдобро финансираните стартапи од одбраната во Европа.
„Европа повеќе нема луксуз да чека или да стои настрана. Нашата мисија е да ги поддржиме компаниите кои го водат економското и геополитичкото обновување кое ќе ја обликува улогата на Европа во 21 век. Како што се развиваат заканите за глобалната безбедност, Европа влегува во златно доба на иновации, а овој фонд ќе ги поддржи претприемачите кои го водат тоа“, рече Фирлеј.
Собирањето капитал од страна на „Експедишншнс“, компанија со седиште во Варшава, покажува дека интересот на инвеститорите за европските стартапи за одбранбена технологија не се намалил повеќе од три години по руската инвазија на Украина.
Американскиот претседател Доналд Трамп веќе некое време ја охрабрува Европа да преземе одговорност и да почне да инвестира повеќе во сопствената безбедност. Во овој поглед, Фирлеј го истакна говорот на американскиот потпретседател Џ.Д. Венс на безбедносната конференција одржана во февруари во Минхен, каде што, меѓу другото, ги критикуваше европските лидери за недоволно трошење во областите на одбраната и безбедноста.
Инвеститорите потоа ги зголемија своите инвестиции во одбранбени стартапи, достигнувајќи дури 1,4 милијарди евра во првите седум месеци од оваа година. „Фајненшл тајмс“ објави и информации дека од почетокот на руската инвазија на Украина, во такви компании се инвестирани 2,4 милијарди евра, додека, на пример, во 2021 година, инвестициите изнесувале 150 милиони, а во 2020 година, само 30 милиони евра.
Понатаму, Европската инвестициска банка (ЕИБ) во понеделник го скрати периодот за донесување одлуки за проекти во областа на безбедноста и одбраната на шест месеци и очекува уделот на тој сектор во вкупните трошоци да го достигне или надмине целното ниво од 3,5 проценти во 2025 година, а потоа да продолжи да расте.
Претседателката на ЕИБ, Надија Калвињо, откри за Ројтерс дека Европската Унија се стреми да мобилизира до 800 милијарди евра трошоци за одбрана низ целиот регион до 2029 година.












