На годинешната јубилејна 15-та конференција во организација на Здружението на авторизирани производители на автомобилски компоненти (Original Equipment Suppliers Association) – ОЕSA 2013 Outlook Conference, што вчера се одржа во Детроит, САД, беа претставени инвестициските поволности во Република Македонија.
На настанот присуствуваа повеќе од 750 делегати меѓу кои и најважните производители на автомобилски компоненти и возила од Северна Америка, Европа, Азија, како и од Јужна Америка.
Преку презентации и директни контакти на поединечни средби, директорот на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони, Виктор Мизо, заедно со економскиот промотор во Детроит, Дејан Величков ги претставија поволностите за инвестирање во државава.
“Со остварените контакти на овој настан се зголемуваат можностите за влез на странски инвестиции од автомобилската индустрија во земјава”, стои во соопштението од Дирекцијата за ТИРЗ.
Исто така во рамки на конференцијата, остварени биле и дополнителни средби со компании со кои веќе подолго време се разговара за реализација на конкретни инвестициски проекти.
Презентации на конференцијата одржаа врвни луѓе на Ford Motor Company, Honda Motor Corporation, Toyota Motor Engineering & Manufacturing, General Motors како и Inteva Products, а од страна на експерти беа презентирани и перспективите на индустријата на глобално ниво во 2014 година.