Инвеститорите внимателни на европските берзи

На европските берзи се тргува претпазливо во понеделник наутро, додека инвеститорите ги очекуваат новите квартални деловни извештаи од компаниите и макроекономските податоци, кои би можеле да ги насочат пазарите. STOXX 600, индексот на водечките европски акции, беше речиси непроменет во 9:30 часот по падот минатата недела.

Истовремено, франкфуртски DAX зајакна за 0,02 отсто, на 15.964 поени, а париски CAC за 0,03 отсто, на 7.434 поени. Берзата во Лондон денеска е затворена поради празникот. И на азиските берзи утрово поскапеа акциите. Индексот MSCI на азиско-пацифичкиот регион, без Јапонија, порасна за 0,7 отсто околу 9:30 часот, враќајќи дел од минатонеделните загуби.

Волстрит порасна во петокот
Утрово јапонскиот Никеи загуби 0,7 отсто, додека цените на акциите во Австралија, Хонг Конг, Јужна Кореја и Шангај пораснаа меѓу 0,7 и 1,5 отсто. Падот на индексот Никеи е резултат на загриженоста на инвеститорите откако записникот од последната седница на Банката на Јапонија покажа дека челниците на банката се загрижени за побрз од очекуваниот пораст на инфлацијата.

Имено, тоа би можело да значи дека централната банка наскоро ќе се откаже од исклучително поддржувачката монетарна политика, која ја води со години. На останатите берзи, пак, поскапеа акциите, како и на Волстрит во петокот.

Првиот раст на најголемата светска берза, по четири дена пад, уследи по подобри од очекуваните податоци од пазарот на трудот и смирувањето на стравувањата за американските регионални банки.

Фото: facebook